Наскоро обвинение за “Поштенска банка” на СЈО

by fokus

Заврши истрагата за случајот “Поштенска банка”, случај кој во 2018 година го отвори СЈО, а наскоро се очекува и да биде поднесен обвинителен акт.

Информацијата за “Фокус” ја потврди обвинителот Бурим Рустеми, а известување за завршена истрага веќе добиле повеќето од осомничените и нивните бранители.

Овој предмет беше дел од доказната постапка за случајот “Рекет”, бидејќи како за “Империја”, така и за “Поштенска банка” обвинителка Катица Јанева барала од надлежните обвинители да ги затворат случаите со спогодба, односно осомничените да платат штета и да избегнат затворски казни.

Во предистрагата беа осомничени деветмина, но ова не значи дека на обвинителна клупа ќе седнат сите кои првично биле под лупа, односно обвинение ќе се поднесе само за оние за кои првичните сомневања се потврдени.

Истрагата опфаќаше повеќе поврзани настани за сторени кривични дела – Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 и со истата се опфатени девет лица и тоа: Коле Смилевски, Томе Главчев, Ратко Димитровски, Викица Поповски, Гкеорги Каратолис, Кирил Јаневски, Зоранчо Митровски, Ристо Милев и Златко Ѓорчев. Од извршените кривични дела сторени во временскиот период од 2001 до 2010 година била прибавена имотна корист во износ од околу 5 милиони евра.

Во почеток на 2001 година Љубчо Георгиевски, како претседател на Владата на Република Македонија, Марјан Ѓорчев како вицепремиер и Никола Груевски како министер за финансии, со цел да го контролираат фактичкото функционирање на „Поштенска банка“, организирале во основањето на Банката, покрај „Македонска пошта“, која била во државна сопственост, да учествуваат и правните лица кои тие ги избрале – „Ноел Експорт импорт“ Гевгелија и печатница „Европа 92“ Кочани.

На сопствениците на овие правни лица, на Томе Главчев и Ратко Димитровски им било кажано дека во основањето на Банката нема да учествуваат со сопствени средства, туку со пари кои ќе ги обезбедат од кредити. Планот бил основањето на „Поштенска банка“ да не биде со средства на осомничените, туку со средства од други извори, што е спротивно на Законот за банки.

Согласно добиените насоки од наведените владини функционери, осомничените Томе Главчев, сопственик на „Ноел Експорт импорт“ Гевгелија и Ратко Димитровски, сопственик на „Европа 92“ Кочани, со кредити подигнати од три банки, ги уплатиле основачките влогови во „Поштенска банка“, по што осомничениот Коле Смилевски, како генерален директор на „Поштенска банка“ АД Скопје, овозоможил кредитирање на правните лица „Ноел Експорт импорт“ Гевгелија и „Европа 92“ Кочани и правни лица поврзани со нив. Сите средства добиени од кредити од „Поштенска банка“ се слеале на сметките на овие две правни лица и се искористени за враќање на првобитните кредити.

Станува збор за индиректно кредитирање на основачките влогови со средства од банката која се основа, што е спротивно на Законот за банки и преставува кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување.

Како што дознаваме во истрагата била утврдена штета од 8 милиони евра.

Валентина Вурмо

Поврзани новости