Наскоро ќе почне судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, бидејќи Кривичниот суд позитивно го оцени обвинението кое скопското обвинителство го поднесе пред еден месец.
На обвинителна клупа ќе седнат Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев, како и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
-По разгледување и ценење на актот како и доставените приговори изјавени против обвинението од страна на одбраната на обвинетите, донесе решение со кое – Приговорите на одбраната се одбиваат како неосновани, а Обвинителниот акт се одобрува во целост.
Врз основа на одобрениот обвинителен акт, се формира кривично – правен предмет кој согласно АКМИС системот ќе биде распределен на понатамошно постапување, за што, ценејќи го јавниот интерес за случајот, јавноста ќе биде благовремено известена.
Во однос на повеќе новинарски прашања за постапката против прво осомничениот за двојното убиство – Љ.П., ја информираме јавноста дека постапката е се уште во фаза на обвинителска истрага, информираат од Кривичниот суд.
Засега надвор од групата останува Љупчо Палевски -Палчо, бидејќи истрагата против него се уште трае. Се чека вештачењето на телефонот и другите доказни материјали кои беа најдени кај него, кога беше уапсен во Турција.
Според обвинителството, мотивот за убиството се пари.
-Како соизвршители, заедно со уште едно осомничено лице за кое истрагата за исти кривични дела е во тек, испланирале грабнување на 14-годишното дете Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп, велат од Обвинителството.
Оттаму даваат детали за случајот, кои до поднесување на обвинението беа непознат за јавноста.
-На 22.11.2023, заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило “Цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано “Рудник” во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.
На 27.11.2023, обвинетите и осомничениот, помогнати од четвртиот обвинет, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата “Наум Наумовски Борче” во Скопје.
Откако претходно обвинетиот татко на оштетеното дете, преку првоосомничениот дал упатства за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште, тројцата сега обвинети дошле пред влезот на зградата каде живее оштетеното дете.
Со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи и се да не вика затоа што ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано “Дупки”, во атарот на селото Бразда.
Таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице, така што првоосомничениот и нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол со калибар 9 милиметри, а обвинетите го закопале телото во претходно ископана дупка.
Потоа на нива покрај земјен пат, во атарот на селото Бразда, го запалиле автомобилот “Цитроен” со велешки регистарски таблици, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите.
Таткото на девојчето им помогнал да го реализираат нивниот план и тој е обвинет за помагање во кривичното дело – Грабнување од чл.141 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.24 од Кривичниот законик, појаснија од обвинителството.
Валентина Вурмо