Наскоро Апелација ќе треба да одлучи дали првостепените пресуди за случаите „Трезор“ и „Таргет и Тврдина“, со кои беа осудени поранешни вработени во МВР и УБК, ќе станат правосилни.
Поточно, второстепениот суд може да ги потврди пресудите, да ги преиначи или да ги укине и да ги врати на повторно одлучување.
-Предметот „Трезор“ и „Таргет и Тврдина“ се вратени од Вишото јавно обвинителство и по истите ќе се постапува во наредниот период, ни одговорија од Апелација на прашањето дали донеле одлука за двата случаи.
Пресудата на Кривичниот суд за „Таргет и Тврдина“, односно за нелегалното масовно прислушување во УБК, беше донесена во февруари, со која порашниот директор на УБК, Сашо Мијалков, беше осуден на 12 години затвор, Гордана Јанкулоска на 4 години, Никола Бошковски и Горан Грујовски на 15 години, Тони Јакимовски на 6 години, Надица Николиќ на 3 години…
Првостепената пресуда за „Трезор“, кој се однесува на начинот на набавка на британска опрема за следење на комуникациите преку фирма-посредник од Скопје, пак, беше донесена два месеци подоцна, во април.
Мијалков беше осуден на 8 години затвор, Грујевски на 15 години, Тони Јакимовски и Небојша Стајковиќ на пет години затвор.
Пред неколку дена притворот на Мијалков, одреден по пресудата за случајот „Трезор“, му беше укинат од Апелација, односно му беше прифатена гаранцијата од 11 милиони евра. Сепак тој не излезе на слобода, бидејќи експресно стигна ново барање за притвор и тоа за предметот „Плацевите на Водно“. Сега повторно се чека одлука на Апелација. Односно дали ќе му го прифати или укине притворот.
В.В.