Директорот на Јавното претпријатие „Железници“, Хари Локвенец, најавува дека наскоро ќе се распише тендер за третата фаза од пругата кон Бугарија која е дел од Коридорот 8.
-Во завршна фаза е подготовката на тендерската документација за надзорен инженер и за техничка помош, како и за градба за последните 24 километри од железничкиот Коридор 8 кон Република Бугарија. Со поддршка на сите владини институции и на Мисијата на ЕУ во Скопје, ја подготвуваме документацијата, а очекувањата се дека за скоро време ќе биде објавен тендерот и до крај на годината ќе имаме избран изведувач – вели Локвенец за МИА.
Во првите две фази од пругата кон Бугарија кои ја опфаќаат пругата од Куманово до Бељаковце (31 километар) и од Бељаковце до Крива Паланка (34 километри), според него, евидентен е прогресот на тековните активности и очекува изведувачите да ги завршат проектите во предвидениот рок.
Во однос на експропријацијата на земјиштето, пак, тој вели дека за првите две фази (делници) таа е завршена сто проценти, а во однос на земјиштето за третата фаза, за која ќе се распишува тендер, експропријацијата се прави парцијално.