Наскоро ќе нема од каде да се позајми

by Fokus

Среќа во несреќа е што од оваа криза речиси сите се погодени подеднакво, па веројатно ќе се оди кон „колективно“ печатење пари за да се премости големата економска криза, која неминовно следува. Но, и таквиот дозволен преседан не може да трае вечно, така што реално треба да се подготвиме за состојба во која навистина ќе нема од каде да позајмиме пари по која било каматна стапка.

Пишува: Дејан АЗЕСКИ

Уште на почетокот на оваа криза стана јасно дека нашата држава, својата финансиска стабилност ќе мора да ја базира на нови големи задолжувања. И најголемите противници на зголемувањето на надворешниот долг, кои против оваа појава се бореа со години, сега пропагираат дека ни е неопходно што побрзо и што поголемо задолжување за да ги покриеме сите дупки што се појавија.

А, се појавија дупки на сите страни и како да не се појават, кога според официјалната статистика увозот е паднат за повеќе од 60 отсто, а конкретно од слободните економски зони за 80 отсто. Нешто помал, но, сепак, драматичен е падот и на производството, па многу наши бизнисмени мака мачат, каде било и по која било цена да ги пласираат своите производи.

Значи буџетот нема од каде да се наполни, а сега е повеќе од значајно навремено да се исплаќаат плати, пензии и сите останати ставки што директно зависат од државата. Но, веќе е очигледно дека, иако државата сака и има одврзани раце сите проблеми да ги реши со задолжувања, скоро и да нема од каде да се позајми поголема количина пари.

Веќе не е тајна дека за секои стотина милиони евра што ќе ги земе Македонија, буквално се води битка на лобирања. Нашите функционери јавно признаваат дека сѐ потешко се во можност да дојдат до поголеми транши на кредити, а особено по поволни каматни стапки. Прашањето е до кога овој негативен тренд ќе оди вака и дали побрзо ќе попушти економската криза и меѓународните светски институции?

ГЛОБАЛНИТЕ ФИНАНСИСКИ УСЛОВИ „ЗАТЕГНАТИ“

Ваквите констатации на јавноста и политичарите ни ги потврди и универзитетскиот професор по макроекономија, Марјан Петрески.

Според него, со порастот на неизвесноста на глобалниот финансиски пазар, предизвикана од ширењето на корона вирусот Ковид-19, нагло и значајно се наруши ликвидноста на пазарот, вклучувајќи и на пазарите, кои традиционално се сметаат за обилни, како американскиот и европскиот.

„Во тој момент, што е отприлика втората половина од март и првата половина од април, се чинеше дека пазарот е под финансиски притисок, отежнувајќи го пристапот до свежи пари воопшто, а особено за земјите во развој, кои вообичаено имаат повисок политички ризик и генерално поотежнат пристап до глобалниот пазар. Но, тогаш почна интервенцијата од централните банки, со првиот потег направен од ФЕД, како прва одбранбена линија. Тие ги скратија основните каматни стапки и овозможија дополнителна финансиска ликвидност преку другите инструменти. Потоа, националните власти пристапија кон реалокации во рамки на националните буџети, со пренасочување средства за борба со економските ефекти од Ковид-19.“

Според Петрески, добро е што меѓународните финансиски институции веднаш прибегнаа кон дефинирање и брза операционализација на кредитни и грантови линии за најпогодените земји ширум светот, што набрзо се претвори во помош за секоја земја која го бара тоа, особено во поглед на корона-фондот на ММФ.

„Сето ова, веќе во втората половина на април изврши одредена стабилизација на сентиментот на инвеститорите, што се гледа и преку подобрувањето на тенденциите на пазарите на акции и обврзници (од кои некои веќе се вратија близу на преткризното ниво). Но, да не заборавиме дека овој сентимент останува ранлив, а глобалните финансиски услови значајно позатегнати споредено со пред пандемијата“, предупредува Петрески.

Од другите експерти и познавачи на состојбите што ги консултиравме добивме малку попластичен коментар за тоа што треба да се очекува во наредниот период.

„Пари секогаш ќе има, бидејќи сега е дозволено да се печатат од сите страни и колку што е тоа потребно. Златен стандард одамна не постои, а и нафтата веќе не е никаква гаранција за јачината на валутите. Но, прашањето е: до кога светската економија може да се носи со криза од олкави размери“

МАКЕДОНИЈА, ЗАСЕГА, ДОБРО ПЛИВА  

            Минатата недела, владата ја донесе Уредбата со законска сила за задолжување на Република Северна Македонија кај Европската Унија преку инструментот Макро–финансиска поддршка за справување со последиците предизвикани од Ковид-19 пандемијата за време на вонредна состојба. На овој начин, на земјава ѝ се одобрени 160 милиони евра за враќањето одржлива надворешна финансиска состојба и за поттикнување на економските прилагодувања, структурните реформи и преземање соодветни мерки како одговор на економската криза предизвикана од Ковид-19.

Ова е само последното во серијата задолжувања на нашата држава со кое се обидуваат да се гаснат пожарите предизвикани од здравствената криза.

Да потсетиме, само месец дена порано се задолживме со 176 милиони евра кај ММФ, што според министерката за финансии, Нина Ангеловска, значително ја стабилизира нашата ликвидност.

„Преку заемот од 176 милиони евра од ММФ добивме ликвидносна поддршка во вистински момент. Имајќи предвид дека бевме конзервативни во планирање на ликвидносните потреби во април, сега сме во ситуација кога ги сервисираме сите обврски, ги следиме сите потреби, но во исто време направивме значајно кратење на расходната страна. Ако ја погледнеме реализацијата на стоки и услуги во април е помала за 36 проценти во споредба со истиот месец лани, што покажува дека одлуките на Владата да се стопира раст на непродуктивни расходи  даваат резултат“

Сепак, како што споменавме погоре, владата и Министерството мака мачат за секое ново задолжување и не се секогаш најуспешни.

Ова хронолошки ни го потврди и професорот Петрески .

„Да потсетиме дека владата сакаше да позајми т.н. bridge-to-bond заем, што, за жал, не се случи, бидејќи намерата се поклопи со првиот удар на кризата кога глобалната ликвидност беше под нагло ограничување. Мораше веднаш да се прибегне кон концесионални средства, за што беше искористена целосната квота кај ММФ од 176 милиони долари, како и одредена количина пари да се побараат на домашниот финансиски пазар, што го овозможи домашната централна банка преку ослободување дел од средствата врзани во благајнички записи.

Потоа, одредени средства пристигнаа или беа договорени со другите концесионални кредитори. Дури пред 2-3 недели се создадоа реални шанси за пласирање еврообврзница на приватниот пазар, што и се реализираше во износ од 700 милиони евра, што е показател за благото но значајно релаксирање на глобалните финансиски услови“.

Сепак, Петрески не ни даде прогноза што ќе биде ако кризата се пролонгира за наредни шест или повеќе месеци и каде во такво црно сценарио, нашата земја би можела да се обрати за ново задолжување, кое сигурно ќе биде неопходно.

Рамка:

НАЈЗАДОЛЖЕНИТЕ ЗЕМЈИ ВО СВЕТОТ И НАЈПОГОДЕНИ ОД КОВИД19

Италија, САД, Бразил, Пакистан…Ова се само дел од листата земји кои се најпогодени од здравствената криза. Но, ова е и листа на земји кои со децении водат мртва трка со контролирање или, поточно кажано, неможност на контролирање на својот јавен долг.

Познато е дека Италија и пред оваа криза, постојано беше на раб или над работ на презадолженост. Меѓународните финансиски институции мораа секогаш да ѝ прогледуваат низ прсти, а грчкото сценарио се избегна само благодарение на политичкото влијание на Рим. Но, сега, кога земјата веќе четврти месец се грчи под ударите на здравствената криза и застанатата економија, прашање на време е кога овој огромен надворешен долг повторно ќе исплива на површина.

Од друга страна, Соединетите Американски Држави очекувано станаа најпогодената држава од здравствената криза, а во комбинација со некои други фактори, оваа национална катастрофа многу е веројатно дека дополнително ќе се пролонгира. И тоа не би било толку страшно ако не се знаеше дека јавниот, па и надворешниот долг на САД, одамна никој не го контролира, што значи дека овој балон на државно ниво може да пукне во секој момент, што би значело потрес од незапаметени размери во светската економска историја.

Голем проблем претставува и фактот што државите што се потпираат на услужниот сектор, како Грција, Шпанија, Хрватска и многу други, се обидуваат што поскоро да прикажат нормализирање на ситуацијата за да можат да привлечат колку-толку странски туристи. Но, според експертите, ова многу лесно може да се доведе до нова експлозија на вирусот насред летна туристичка сезона што би значело и дополнително економска катастрофа за овие земји, кои и онака се претерано погодени од кризата.

Сето ова ќе предизвика нов притисок на големите светски финансиски институции, од кои жртва ќе бидат помалите држави, кои во процесот на задолжување секогаш се последни на листата на чекање.

Поврзани новости