Наскоро ќе биде познато дали некој ги преслушувал и копирал снимените разговори на обвинителите

by fokus

Двата хард диска на кои биле снимени телефонски разговори на 70-на обвинители, во период од две години, се предадени на вештачење. По завршување на истото ќе биде познато дали разговорите покрај тоа што биле снимени, биле преслушуван или копирани. Ова се активностите кои во моментот се превземаат во предистрагата за новата афера за прислушување, која ги „стресе“ обвинителите.

Па затоа се додека не заврши вештачењето, останува непознато дали информациите кои обвинителите ги споделувале по телефон биле пресретнувани и користени за влијание или пак можеби за саботирање на истрагите кои ги воделе.

Неодамна републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески ја откри новата афера за прислушување, односно дека телефонската фиксна централа, која била инсталирана во 2013 година во објектот покрај Вардар, ги снимала разговорите на два хард диска. Првиот разговор бил од 30 септември 2016 година, а последниот снимен разговор до пред една недела.

Централата за фиксна телефонија била инсталирана во 2013 година кога беше и вселена зградата, па затоа ќе се истражува по чија желба опремата била набавена со опција за снимање. Она што е сигурно е дека прислушувањето не е вршено од надвор, туку се вршело внатре во објектот.

Обвинителите ги користат фиксните телефони за споделување на службени информации, помеѓу вработени внатре, но и со други институции. Односно, преку телефон повикуваат и сведоци на распит, па доколку некој ја пресретнувал оваа информација, постои опасност и дека можеби се влијаело на сведоци.

Обвинителот Јовески не откри поради што се посомневале дека разговорите на обвинителите биле прислушувани, истакнувајќи дека на тој начин би можел да и наштети на предистрагата.

Сепак открија дека за прислушувањето знаеле неколку месеци претходно, но оставиле тоа да тече и понатаму, а се со цел да приберат докази.

Исто така дополнително ќе се истражува и дали разговорите на обвинителите биле снимени и пред септември 2016 година, бидејќи имало хард дискови кои автоматски, по одреден период ги бришат зачуваните податоци, и снимаат нови.

Валентина Вурмо

Поврзани новости