Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски најави дека наскоро во технолошко-индустриските развојни зони ќе инвестира и голема македонска компанија.
Компанијата, според Деспотовски, ќе поттикне отворање на инвестицискиот потенцијал на домашните компании.
Тој во вечерашното гостување на ТВ Сител истакна дека мора да се престане практиката на поделба на инвестициите на „наши” и „ваши”.
– За помалку од две години постигнавме ниво на договори за нови инвестиции од над 620 милиони евра што е или над две третини од обемот постигнат во целата измината декада. Во напредна фаза на преговори сме за уште две големи инвестиции со кои ќе се надмине една милијарда. Само овие инвестиции, во чии рамки над 70 отсто се на компании што прв пат инвестираат во Северна Македонија, креираат дополнителни близу 5 000 нови работни места, рече Деспотовски.
Овие резултати, напомена, не се негови, туку се и на Владата и на сите економски ресори, но и на граѓаните.
-Никогаш не сум броел, ниту ќе броиме политички, етнички или религиски „крвни зрнца” на над 2 000 наши сограѓани што добија свое, ново работно место во 2022 година. Тоа е политика на едно минато време, што го оставивме зад нас, потенцира Деспотовски