Се наврши еден месец од автобуската несреќа во Бугарија, а бугарските истражни служби најавија дека резултатите од вештачењата – судско-медицинското, техничкото и пожарно-техничкото би можело да бидат готови и до 25 декември.
Според шефот на бугарската Национална истражна служба, Борислав Сарафов, податоците покажувале дека брзината на автобусот најверојатно била несоодветна со условите на патот, а ноќта на инцидентот врнел дожд и патот бил влажен.
– Брзината на автобусот била прилично несоодветна со условите на патот. Мислам дека возел над 90 километри на час. Барањата на еден професионален возач на автобус се повисоки отколку за кој било друг возач, рече Сарафов.
Тој нагласи и дека нема причинско-последична врска меѓу несреќата, патната сигнализација и ознаките, појаснувајќи дека тие можеби придонеле за неа, но возачот морал да биде повнимателен и да вози со соодветна брзина. Сепак, Сарафов посочи дека ознаките на патиштата „очигледно не ги исполнуваат условите“.
Истрагата досега покажува дека автобусот од се уште непозната причина скршнал вдесно и удрил во заштитната ограда која го дели просторот за одмор од автопатот. Од ударот се дупнал резервоарот за гориво, избувнал пожар и возилото се заглавило меѓу заштитните огради што ги дели двете ленти на автопатот.
Увидот на бугарското Министерство за регионален развој и јавни работи на местото на инцидентот покажа дека тротоарот е во одлична состојба, но ознаката е дотраена, а не е извршена и пролетната наредба за негово реновирање.