Шеесет и петгодишниот Панче Ангелов, кој беше обвинет за насилство врз Радмила Шекеринска и Зоран Заев на крвавиот четврток што се случи во Собранието, денеска седна на обвинителна клупа, меѓутоа судењето се одложи бидејќи воопшто не се консултирал со својот адвокат, кој му е поставен по службена должност.
Адвокатот на обвинетиот, Драган Пешевски, побара од судот да се одложи рочиштето бидејќи според она што го видел од записниците, неговиот клиент бил правно неук, па морал дополнително правно да го посоветува бидејќи денеска за првпат се виделе во судница.
-Кои биле мотивите на обвинетиот за дејствијата што ги превзел, јас се уште не можам да разберам. Пробав повеќе пати да стапам во контакт со него, но тој нема ниту фиксен, ниту мобилен телефон. Од она што го видов во записниците во истрагата, тој е правно неук, па затоа барам судот да ми даде време правно да го советувам, бидејќи согласно Уставот има право на одбрана. Морам да напоменам дека денеска со обвинетиот за прв пат се видовме во судница, рече адвокатот Пешевски.
На денешното рочиште присуствуваше оштетената Радмила Шекеринска, а како што нагласи адвокатот Филип Медарски оштетениот Заев не дојде на судење бидејќи е на службен пат во Њујорк.
Обвинителката го образложи обвинителниот акт и од судот побара обвинетиот да биде осуден за кривичното дело насилство, за кое му се заканува казна затвор од три до десет години. Таа пред судот образложи дека обвинетиот Ангелов бил во првата група, која на 27 април влезе во Собранието, при што најпрвин му пришол на сегашниот премиер Заев и му извикал закани, а потоа стигнал до Шекеринска, ја повлекол и ја фатил за косата, при што ја влечел. На кајот насилството го завршил откако земал шише и замавнал кон пратениците.
Обвинителката додаде дека при овој чин оштетените Заев и Шекеринска се здобиле со тешки телесни повреди, при што тогашната пратеничка добила повреда на вратот, потрес на мозок и расекотина на главата, а Заев хематоми на главата. Таа истакна дека на овој ден освен пратениците кои биле во Законодавниот дом, чувство на страв и несигурност имало и кај поголемиот дел на македонската јавност.
Наредното рочиште е закажано за 6 октомври.