За време на денешниот насилен протест против одлуката на британските власти да префрлат баратели на азил од хотел во Лондон на шлеп закотвен во пристаништето Портланд во Дорсет на југот на Англија, британската полиција уапси 45 лица.
Голем број демонстранти кои се собраа пред хотел во квартот Пикам во југоисточен Лондон се обиделе да запрат автобус кој требало да превезе баратели на азил до брод во пристаништето Портланд, а според тврдењата на лондонската полиција, демонстрантите го опколиле автобусот и му ги дупнале гумите, јавува Ројтерс.
Решавањето на проблемот со илегалните мигранти е еден од главните приоритети на владата на британскиот премиер Риши Сунак.
Со цел да се намалат високите трошоци за сместување на мигрантите во хотели за време на периодот на обработка на нивните барања за азил, владата користи напуштени воени локации за сместување на барателите на азил.
Сепак, критичарите го споредија префрлањето на мигрантите на бродот „Биби Стокхолм“, кој е вкотвен во пристаништето Портланд во Дорсет и може да собере до 500 луѓе, со „нехуман затворски брод“.