Првата дама Елизабета Ѓоргиевска вчера доби низа на позитивни критики на сметка на модниот избор и целокупниот впечаток кој го остави со симболичниот костим и вел, за време на официјалната посета на Ватикан за чествувањето на Свети Кирил и Методиј во Рим.
Според протоколите на аудиенцијата кај папата Фрањо, на официјалната страница на Ватикан е наведен строг дрескод, односно за жените е прифатливо да носат црна боја, фустани со едноставен крој, покриени раменици и должина на здолништето под колена. Ако се носи накит, тој мора да биде дискретен.
Дводелниот костим со долги ракави на Ѓоргиевска беше формален, но и збогатен со вел со кој се покрива главата, со стилизиран вез со реченицата на Кирил ,,Зарем сонцето не не грее сите,, испишана на глаголица. Креацијата била на дизјанерката Лидија Георгиева.
Првата дама е препознатлива по истенчениот вкус за мода, и секогаш изгледа елегантно, со дискретна шминка.
Средбите на челните луѓе на нашата држава со папата секогаш биле проследени со голем јавен интерес, а не останале незабележани и модните креации на нивните сопруги кои ги избрале за таа пригода.
Така на пример, во времето додека беше премиер Никола Груевски, за време на неговата средба со папата Франциско во Ватикан, по повод чествувањето на дејноста на сесловенските просветители – браќата свети Кирил и Методиј, неговата сопруга Боркица беше облечена според строгиот дрескод, во црн костум со должина под колена, со долги ракави и црн вел на главата. Таа изгледаше елегантно, но јавноста не дозна кој е дизајнерот кој се погрижил за нејзината креација.
Во 2019 година пак, за време на првата посета на папата Фрањо во нашата земја, тогашната првата дама Маја Иванова, се најде на мета на критики поради должината на здолништето. Имено, таа го испочитувала дрескодот и носеше црно здолниште и сако, но отскриените колена пред папата, и свилениот чорап кој токму тогаш, за несреќа се скинал, станаа вест која ги преплави медиумите и социјалните мрежи. Немаше информација кој се погрижил за гардеробата на Иванова и дозволил кршење на дрескодот, но во претходни интервјуа таа изјавуваше дека најчесто купува облека од домашни брендови. За себе кажуваше дека сака класични стилови, елегантни костими со прави линии и форми, со малку детали.
И Рози, сопругата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на посетата на папата во Македонија, се облече спротивно на правилата на Ватикан.
Таа седна спроти папата на плоштадот Македонија со сукња над колена, но и безбојни хулахопки, кои оставија впечаток на голи нозе. Иако е позната по елегантниот стил, секогаш средената и модерна фризура и природна шминка, Мицкоска тогаш изненади со должината на здолништето, несоодветна за пригодата.
При секојдневните јавни појавувања, политичарите и нивните сопруги мора да почитуваат одреден дрескод. Непишано правило е класичното облекување, без впечатливи детали, умерено, без привлекување на непотребно внимание со одредени поединости. Со стилот на облекување, на некој начин се оддава почит кон институцијата.
Вики Клинчарова