На почетокот на учебната година веќе започнаа реакциите поради неточни или пак несоодветни содржини во учебниците.
Така на пример, во учебникот по Социологија за втора година средно образование, во лекцијата Меѓународна економска интеграција, наведен е податок за Европската Унија кој датира од средината на деведесеттите години на минатиот век, односно учениците учат дека ЕУ има 15 земји членки, и уште толку кандидатки за членки.
-Типична таква асоцијација денес е Европската Унија, која има за цел економски и политички да го обедини сиот европски континент. Европската Унија започна да ги здружува земјите на Западна Европа уште од 1950 година. Денес таа има 15 членки и уште толку кандидатки за членки, меѓу кои е и Република Македонија- пишува во учебникот, чии автори се Гордана Трајкова – Костовска и академик Димитар Мирчев.
Истиот учебник бил одобрен со решение на Министерството за образование и наука во 2002 година.
Во меѓувреме, до денес ЕУ има 27 членки, но промените кои се случија не се вметнати во учебникот, односно Унијата имаше проширување во 2004 и 2007 година, а потоа и последното во 2013 година, кога Хрватска стана дел од ЕУ.
Велика Британија пак, во 2020 година излезе од ЕУ, но поради тоа што средношколците учат Социологија од учебник од пред 21 година, овие промени не се дел од нивната настава.
Вики Клинчарова