Македонската пливачка Миа Крстевска вчера го заврши својот настап на Младински Олимписки игри во Буенос Аирес. Иако беше пријавена со резултат 2:21:32 минути, таа трката на 200 метри грбно ја заврши со време 2:27:15 минути, резултат кој е речиси шест секунди послаб од нејзиното најдобро остварување.
Пред два дена, на своето прво појавување на МОИ, Миа Крстевска, трката на 100 метри грбно ја заврши со време 1:08:20 минути, резултат кој исто така е далеку од нејзиното најдобро време (1:05:95 минути).
Како потсетување, Миа Крстевска која на овие игри дојде како најдобра млада македонска пливачка која има освоено најмногу бодови според ФИНА (Меѓународна пливачка федерација-ФИНА) табелата и со освоена “Б“ ФИНА норма. Вчера, исто така, Македонскиот олимписки комитет информираше дека Анамарија Георгиевска нема да настапи на Младинските Олимписки игри Буенос Аирес 2018, бидејќи имала проблем со тежината, односно 500 грама повеќе од дозволеното во категоријата за која била пријавена во таеквондо.
Завчера пак, нашиот претставник во џудо, Хамза Јашари го освои 9-то место на Младинските Олимписки Игри Буенос Аирес 2018. Во првото коло тој се сретна со шпанецот Хавиер Пења Инсаусти и загуби со ипон (вазари). Шпанецот сепак, го “повлече“ Хамза во репасаж и во следната борба тој го совлада Георгиос Баларјишвили (Кипар) со вазари (1-0). Во втората борба, Хамза Јашари загуби минимално со вазари од финецот, Турпал Џукаев.
По завршувањето на настапот Хамза не бил задоволен од постигнатите резултати, но од МОК информираат дека мора да се признае како тој покажал извонреден квалитет и голема борбеност, и нема да се изненадиле ако биде избран во некој мешовит тим, кој последниот ден од Џудо турнирот ќе се натпреварувал на МОИ БА 2018.
Македонската делегација предводена од шефот на мисија Владимир Богоевски – спортски директор на Македонски Олимписки Комитет, ја составуваат следните спортисти: КАРАТЕ (СПОРТИСТ): ФАХИК ВЕСЕЛИ – освоена “А“ Олимписка норма КАРАТЕ (ТРЕНЕР): АЛЕКСАНДАР КУЗМАНОВСКИ ЏУДО (СПОРТИСТ): ХАМЗА ЈАШАРИ – освоена “А“ Олимписка норма ЏУДО (ТРЕНЕР): ИГОР ПАСКОСКИ АТЛЕТИКА (СПОРТИСТ): БЕРАТ МУСТАФА АТЛЕТИКА (ТРЕНЕР): БЕЏЕТ ТОЧИ ПЛИВАЊЕ (СПОРТИСТ): МИА КРСТЕВСКА ПЛИВАЊЕ (ТРЕНЕР): ЈАНЕ КАРАЈОВАНОВ БОРЕЊЕ (СПОРТИСТ): ДРАГАН ВЕЛИНОВ БОРЕЊЕ (ТРЕНЕР): СУФИЈАН ИСМАИЛИ Тие финансиски во целост се помогнати од страна на Македонскиот Олимписки Комитет.
Вики Клинчарова