Нашите политичарки не си ги даваат фустаните, дури ни за хуманитарни цели!

by fokus

Хуманитарната аукција која ја иницираше поп пејачката Антониа Гиговска, и се состои во тоа јавна личност да донира свој фустан, кој потоа ќе биде понуден на аукција, а средствата одат на сметката на мајка на две малолетни деца на која и претстои лекување во Турција, не наиде на одзив кај нашите политичарки и жени од останатите јавни општествени сфери.

Имено, Гиговска понуди свој фустан од дизајнерката Викторија Бурсак со почетна цена од 10.000 денари, а пак Бурсак упати јавен апел до сите од естрада, политика и бизнис сектор да се вклучат во хуманиот настан.

,,Фокус” пишуваше за аукцијата, но повикот до нашите политичарки, бизнисменки и естрадни ѕвезди, да донираат барем по еден од своите фустани, со цел побргу да се соберат потребните средства за лекување на мајката, не допре до нив.

Неколку познати пејачки и една политичарка уште пред неколку дена ветија дека ќе се вклучат во аукцијата и ќе подарат фустан од својот гардеробер, но до објавата на веста, како што информира Бурсак, која беше задолжена за аукцијата, ниту една не ја контактирала.

-Анита Јовановска, мајката која се бори со канцер, за два дена треба да замине на лекување во клиника во Истанбул, Турција. Последната понуда која ја добивме за фустанот на Антониа Гиговска изнесува 12.000 денари, и најверојатно ќе ја прифатиме, бидејќи нема многу време за чекање.
За жал, никој од политика, естрада или пак бизнис сектор не се вклучи во аукцијата. Остануваат уште два дена, понудата е се уште отворена, доколку некој е заинтересиран и сака да донира фустан може да ме побара. Целта не е да се прави притисок, туку да се разбуди солидарноста и на еден ваков начин да се помогне таму каде што тоа е најпотребно – изјави дизајнерката.

Хуманитарните аукции, кога јавни личности донираат свои лични предмети, а средствата од нивна продажба завршуваат кај лица или здруженија кои имаат потреба од финансиска помош, не се ништо ново во развиените земји. Сепак, кај нас очигледно е дека ова е нешто ново, и се уште неприфатено од пошироката јавност.

Доколку се пројави интерес за настанот, заинтересираните можат да ја контактираат Бурсак во наредните два дена за повеќе детали. Останатите хумани граѓани кои се во можност да и помогнат на мајката, можат да донираат на телефонските броеви А1 – 143 476, и Телеком – 143 108.

Вики Клинчарова

Поврзани новости