Во пресрет на Новогодишните празници, кога едно од најчестите прашања кое си го поставуваат луѓето е – Каде за дочекот на Новата, ,,Фокус” им го постави истото прашање на дел од нашите јавни функционери.
Традиционалната анкета, кој каде и со кого ќе ја дочека Новата година, но и по што ќе ја памети годината која изминува, ја исполнија со одговори во кои потсетуваат на важноста на семејството, на споделување на празничната магија со најблиските, а се присетија и на моментите кои им ја одбележале 2022 година.
За некои полна со професионални успеси и предизвици на повеќе полиња, за некои со разочарувања, а пак некои политичари дури и не сакаа да учествуваат во истата, под образложение дека што и да кажат, ќе бидат критикувани од јавноста. Претседателот Свето Пендаровски ќе ја дочекал Новата година со семејството.
Првата дама, д-р Елизабета Ѓоргиевска за ,,Фокус” вели дека во 2022 во семејството им се случувале убави работи, а во годината која доаѓа посакува надминување на поделбите и предрасудите и многу здравје и љубов.
-Новата година вообичаено ќе ја дочекам со семејството. Годината што изминува ќе се трудам да ја паметам само по убавите работи кои ни се случуваа во семејството. Во пошироки рамки, општествено, годината што изминува беше година на неизвесност и предизвици, особено откако започна војната во Украина. Затоа во годината што доаѓа посакувам да имаме повеќе стабилност, да ги надминеме поделбите и предрасудите, да имаме помалку грижи и многу здравје и љубов. Посакувам повеќе да се почитуваме и секој од нас да даде личен придонес за едно поубаво општество и подобар живот, на нашите деца, родители, роднини, пријатели и соседи-вели д-р Ѓоргиевска.
И премиерот Димитар Ковачевски празниците ќе ги дочекал со семејството, дома. За него 2022 била полна со предизвици, и му поминала доста работно. Влегувал во Новата 2023 подготвен за нови предизвици, кои ќе овозможеле годината да биде подобра за сите.
-Најпрво на сите граѓани им посакувам среќни новогодишни и божиќни празници, добро здравје, многу убави моменти поминати со најблиските, но и многу успех во новата 2023 година. Годинава имавме многу предизвици. Ќе ја паметам по работа, работа и многу работа. По долгиот период на пандемија, по што следеше и економска криза, на почетокот на годината се случи војната во Украина која со себе донесе и енергетска криза. Навистина тешка година. Но, со напорна работа и навремени мерки успеавме да го заштитиме стандардот на граѓаните, да обезбедиме доволно храна, струја и топлина за сите, да ги заштитиме граѓаните од ценовните шокови. Ја зголемивме минималната плата, просечната плата е веќе над 500 евра, а платите во образование, здравство, безбедносни сектори се исто така зголемени. За најранливите граѓани обезбедивме дополнителна, директна финансиска помош. Воедно, практично успеавме да ја спасиме македонската економија и да обезбедиме ликвидност за компаниите со што ги заштитивме работните места.
Исто така ова беше година во која донесовме и храбри одлуки за иднината. По 17 години чекање, ги започнавме преговорите за полноправно членство во Европската Унија. И тоа го направивме со заштитен македонски идентитет и македонски јазик, не отстапивме од овие позиции никогаш. Затоа денес гордо седиме на големата маса во Брисел и директно учествуваме во одлуките кои се однесуваат на нашата европска иднина. Имаме пријатели во ЕУ, имаме поддршка, тие се денес наш партнер од доверба и ги исполнува дадените ветувања. Едно од тие исполнети ветувања е и потпишаниот договор за ФРОНТЕКС, првиот договор на кој ние имаме ставено потпис заедно со останатите 27 земји членки на ЕУ, а кој е потпишан на чист македонски јазик, без ѕвездички, додавки и фусноти. Чист македонски јазик во Европската Унија. На сето ова од 2022 сум исклучително горд, но и задоволен што даде резултати и што во 2023 влегуваме подготвени за нови предизвици кои ќе ни овозможат да ја направиме годината подобра за сите. Како што често велам, со јасна визија и со напорна работа, нема недостижна цел. Што се однесува до празниците, како и секоја година ќе ги поминам дома со семејството, тоа е време кога можеме да поразговараме за изминатата година и предизвиците со кои сме се сретнале, но и да собереме сила за новата година-порача премиерот.
Повеќето од градоначалниците исто така велат дека за дочекот, а и за празниците ќе останат дома, со најблиските. Речиси сите се задоволни од тоа како работеле и придонесувале за доброто на општините и на својот народ во 2022 година, и ветуваат многу повеќе достигнувања во наредната година. Еден од ретките кој ќе оди надвор од земјава за дочекот е кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој ќе славел во Белград со роднини и пријатели.
-Новата 2023 ќе ја дочекам во круг на пријатели и роднини, на поканата на роднини во Белград. Старата година пак, ќе ја помнам по голем број на грешки на власта на државно ниво, невидено национално омаловажување од соседството и непринципиелниот Француски предлог, енергетската криза и економската безидејност, квази борба против корупција и самобендисана политичка елита. Позитивните работи се конечното затворање на црковниот спор помеѓу СПЦ и МПЦ, создавање на услови за формирање на нова, реална трета политичка опција во државата со граѓанска иницијатива и незапомнето финале на СП во Катар – вели Димитриевски.
Битолскиот градоначалник д-р Тони Коњановски ќе ја дочекал Новата година со блиските и со сограѓаните пред Офицерскиот дом во Битола, а 2022 година останувала зад него исполнета со многу успешни проекти.
-Заедно со најблиските, Новата година, ќе ја дочекам помеѓу моите сограѓани, пред Офицерскиот дом во Битола, на нашата „Зимска приказна“, чие второ, многу успешно издание, завршува токму со почетокот на Новата година, со музичкиот настап на повеќе изведувачи, меѓу кои и групата „Љубојна“ и Исмаил Лумановски. Годинава, за првпат низ нашата новогодишна „Зимска приказна“, преку различни културни содржини ја раздвиживме и Старата битолска чаршија, Широк Сокак и внесовме радост за сите генерации, за што говори и големата посетеност на настаните.
Иако зад мене останува година исполнета со многу предизвици, 2022 ќе остане запаметена како успешна година со започнати постапки за капитални проекти, започната изработка на генерален урбанистички план, реконструирани 20 улици, направени 5 детски паркови и игралишта и започната изградба на нов парк во Нова Битола, започната дигитализација на општинските услуги, многу културни настани, спортска поддршка и поддршка за развој на туризмот преку нови содржини во Авантуристичкиот парк во НП „Пелистер“… и се ова е реализирано низ активна соработка со граѓаните, а пред се младите. Тие се и изворот на најголемата сила, која ме мотивира да работам со уште поголема посветеност, зашто дополнително таквата енергија доаѓа и од најмладиот мотиватор, мојот внук, чие доаѓање на свет, ја предизвика најголемата моја радост, изминатата година, на приватен план-вели Коњановски.
И охридскиот градоначалник Кирил Пецаков ќе ја дочекал Новата година на плоштадот, заедно со блиските луѓе и со сограѓаните. Приватно ќе памтел 2022 по убавите моменти со семејството, а пак професионално по многу успешни проекти.
-Годината што изминува ќе ја паметам по многу ангажмани и успешна работа за обезбедување на подобра иднина на Охрид. Реализиравме низа проекти од инфраструктурата, образованието, туризмот, спортот кои се значајни за нашите граѓани. Со уште поголемо темпо продолжуваме и во наредната година. На приватен план оваа година ќе ја паметам по многу прекрасни мигови поминати со моето семејство и моите дечиња. Тие ми ја даваат силата и енергијата, тие се мојата најголема поддршка и инспирација за се што правам. Новогодишната ноќ ќе ја поминам на градскиот плоштад, во кругот на моите најблиски. Се погриживме да има достојна забавна програма во која верувам дека ќе уживаат и жителите и гостите кои ги очекуваме во голем број. Оваа можност сакам да ја искористам и на сите граѓани да им посакам се најубаво во новата 2023 година. Нека биде година исполнета со многу радост, благосостојба и успеси и да се случуваат само убави работи. Нека е среќна и бериќетна!-порача Пецаков.
Во домашен амбиент, со најблиските, ќе славел и струмичкиот градоначалник Коста Костадинов. Ќе ја памтел 2022 година по доброто менаџирање на општината.
-Новогодишната вечер ќе ја започнам со посета на дежурните и итни служби за да им ја честитам Новата година на моите сограѓани кои се на своите работни места и се грижат за безбедноста и здравјето на граѓаните на општина Струмица, а ќе ја завршам во домашен амбиент со најблиските. Старата година која изминува, ме направи горд и среќен градоначалник и ќе ја памтам по доброто менаџирање на Општината и тоа во услови на сериозна економска и енергетска криза, по трпението на граѓаните и по реализацијата на капитални проекти кои успешно ја креираат новата верзија на мојата Струмица – прогресивна и европски ориентирана Општина по мерка на моите сограѓани- вели Костадинов.
Валандовскиот градоначалник Перо Костадинов ќе ги поминел празниците во државата, а во наредната година посакувал да се пронајдат решенија за сите предизвици.
-Новогодишните и божиќните празници ќе ги прославам со најблиските, во државата. Годинава што изминува беше полна предизвици, за секој еден човек. Посакувам многу здравје, среќа и благосостојба за сите, наредна година. Да го пронајдеме најдоброто во себе и заедно да пронајдеме решение за секој предизвик на кој ќе наидеме-изјави Костадинов.
Вики Клинчарова