Популарниот настан Црн петок, кој е традиционален американски трговски модел за чистење на залихите од производи пред Божиќ, во последниве години станува се поактуелен и кај нас. Во надеж дека ќе можат да купат производи по багателни цени, голем број на граѓани, следејќи ги примерите во Америка, и кај нас денес уште пред отворањето на продавниците се упатиле кон трговските центри.
На социјалните мрежи од утринава се објавуваат видеа од неколку трговски центри во Скопје, на кои може да се види дека стотици заинтересирани купувачи чекаат да се отворат вратите на продавниците, најверојатно под претпоставка дека за малку пари ќе дојдат до омиленото парче бела техника, гардероба, козметика… Но, дали? И минатата година главниот град го зафати манијата наречена Црн петок, за да на крајот на денот добар дел од купувачите завршат со предмети кои всушност и не им требаат, а спектакуларниот најавен попуст се испостави дека се однесува само на одредени продукти.
-Дојдовме очекувајќи вистински распродажби, како во светските метрополи, кога производи по цена од на пример 500 долари можат да се купат и за 100 долари, но далеку сме ние од Америка. Колку да не излегуваме празни, купивме некои ситници – коментираа лани потрошувачи, за репортажата на ,,Фокус” по повод настанот.
На социјалните мрежи дури и се појавија фотографии, на кои потрошувачите ја фотографирале новата цена, со наводен попуст, а под неа етикетата со старата цена, која е сосема иста со таа, прикажана како намалување. И годинава трговците се држат кон истиот трик, кога со релативно мали попусти се полнат продавниците со надежни потрошувачи, кои колку да не се враќаат дома без ништо, сепак ќе потрошат некој денар.
Од преполните ќеси со производи по смешно ниски цени – ништо. Најавените попусти од 30, 40, па и 50% се однесуваат само на одредени парчиња, најчесто на застарени модели. Сликата која што се добива од нашиот Црн петок е попусти кои што не се ништо поразлични од оние сезонските, но поголеми турканици на касите. Можеби токму поради тоа се повеќе граѓани се почесто се одлучуваат да купуваат онлајн, да заштедат време и да не се изложуваат на туркање и чекање во долгите редови. Она што недостига за да и ние имаме вистински Црн петок се сериозните намалувања на цените, кои се всушност и главно обележје на овој феномен во светот.
Вики Клинчарова