Досега нема информации дека е повреден некој од македонските граѓани кои останаа во Украина. Нашата амбасада во Киев се обидува да ги услужи граѓаните кои не ја напуштиле земјата, но од денеска тоа ќе оди и потешко, бидејќи се прекинати комерцијалните летови, изјави за ТВ 24 министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Нашиот амбасадор таму е со екипата и како се активираа алармите за воздушни напади, дадов инструкција да ја напуштат земјата и да одат во соседните држави. Тој моментално е во скривница. Имаме неколку граѓани во други градови во Украина и сега е потешко, нема комерцијални летови. Тие со кои имаме комуникација се безбедни, им доставуваме патни исправи, но нема начин како да ја напуштат земјата. Немаме информации дека некој е повреден. Мапиравме 100 граѓани таму, од кои некои се семејства на наши државјани, а 30 се во специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ и тие се под аранжман на генералниот секретаријат на ОБСЕ, 12 ја информираа амбасадата дека ја напуштаат земјата. Ако има позитивен момент во ова е дека сме членка на НАТО. Одлуките ги носиме врз база на навремени квалитетни информации. Целосно сме вклучени во сите тела и ја нудиме и нашата контрибуција, рече Османи.