Популарната фолк пејачка Сузана Гавазова е во Америка на мини турнеја, каде веќе ги одржа првите концерти пред нашите иселеници.
Со Божиќна игранка, која се одржа на седми јануари во црквата Свети Никола и со Божиќен концерт на осми јануари во просториите на Македонски културен центар во Краун Поинт, Индијана, таа ги расположила нашинците кои желно го чекале нејзиното гостување.
Со репертоар од стари македонски песни, во салата каде се служеле македонски специјалитети, Гавазова им приредила весела дружба на гостите.
Видео снимки и фотографии од настаните се споделуваат на социјалните мрежи, а пејачката доби низа на комплименти за изгледот, но и за настапите.
Таа е нашата, македонска Ким Кардашијан – коментираат наши иселеници, горди што Сузана, за разлика од популарната ѕвезда од реалните шоу програми, Кардашијан, може да се пофали со природна убавина, без хируршки интервенции.
Има 42 години, но не крие дека редовно вежба и се храни балансирано, со цел да биде здрава и да го зачува одличниот изглед.
За тоа дека Гавазова им е омилена пејачка на нашинците во Америка, зборуваат и нејзините тамошни концерти во минатото. Пред пандемијата, таа беше една од најбараните македонски пејачки во дијаспората, и зад себе има голем број на турнеји не само во Америка, туку и во Канада, Австралија, Холандија, Швајцарија, Германија…
Неколку дена пред да замине на Божиќната турнеја во Америка, таа за ,,Фокус” раскажа дека минатата година и била среќна и успешна. Снимила нови материјали, и приватно и се случувале само убави нешта. Потенцира дека е среќна што сопругот Јасмин и е голема поддршка и има огромно разбирање за нејзината кариера. Исто така, Гавазова е една од ретките пејачки која не се случило да одбие учество во некоја хуманитарна акција, а ги донираше и субвенциите кои државата им ги додели на музичарите како помош поради пандемијата.
По враќањето од Шведска, каде живееше неколку години и каде ги доби двете ќерки, таа повторно се врати во Македонија пред три години и сега со семејството живее во Струмица.
Вики Клинчарова