Пред два дена официјално започна гласањето на МАЦ (Music Awards Ceremony), регионална музичка церемонија, на која се доделуваат награди на најуспешните музичари од регионот.
Настанот за првпат се одржа на почетокот на 2019 година, а второто издание ќе се случи на почетокот на 2020 година, во Штарк Арена во Белград, соседна Србија.
Ќе се доделуваат награди во повеќе категории, како на пример најдобра поп нумера на пејачка, поп нумера на пејач, рок нумера, фолк нумера, најдобар концерт, најдобар видео запис и слично.
Годинава, покрај многуте музички ѕвезди од регионот, од нашата земја помеѓу номинираните во категориите за најдобра поп нумера кои ќе се борат за наградите се Дани Димитровска, Влатко Лозаноски, Ѓоко Танески, Елена Ристеска, Лина Пејовска, Калиопи, Антонија Гиговска, Тамара, Владо Јаневски.
Калиопи е номинирана и во категоријата за најдобар концерт, за одржаниот солистички концерт во Сава Центар, годинава во Белград.
За најдобар видео запис пак, од земјава се номинирани Дани, ДНК, Дупер и Лозано.
За настанот на кој што минатата година присуствуваа речиси сите поголеми регионални музички ѕвезди, владее голем интерес. Влезниците веќе се пуштени во продажба по цени од 500 денари, 1.500 денари, па се до околу 10.000 денари за ВИП пакети.
Лани на МАЦ Каролина Гочева доби награда во категоријата Најдобра етно нумера за песната „Ти не дојде”, од нејзиниот најнов албум „Извор”.
Публиката може да гласа за својот фаворит на следниот линк:
https://www.musicawardsceremony.com/index.php?page=glasanje
В.К.