Нашата публика, желна за регионални музичари: За Наташа Беквалац и шише виски во Скопје по 7000 денари

by Fokus

Со концерт на српската популарна пејачка Наташа Беквалац на просторот пред А1 арената во Скопје, утре започнува концертната сезона. По подолга пауза поради пандемијата со корона вирус, се враќаат концертите и настапите во локали на музичарите, а интересот за оние, од регионот, останува со ист интензитет и се бара влезница повеќе.

За Беквалац, влезниците се продаваат по цена од 600 денари, а се нудат и пакети по цена од 7.000 денари за шише виски и четири влезници, или пак шише вотка или вино со четири влезници, за 6.000 денари. Покрај Наташа, деновиве во земјава доаѓаат повеќе балкански музичари кои ќе имаат настапи во клубови или концерти.

Вечерва во Аква паркот во Пробиштип гостува Едита Арадиновиќ, а влезниците изнесуваат 250 денари, ,,Рибља чорба” настапува во Скопје на 27-ми јуни, Аки Ракимовски од ,,Парни ваљак” во Битола на седми јули. Околу тоа како реагираат нашите музичари, кои беа едни од најпогодените од финансиски аспект, поради забраната за настапи, сега кога повторно на сцената ни доаѓаат регионалните, за значително повисоки хонорари, минатата недела за ,,Фокус” се огласи Горјан Стојановски, претседател на Здружение на естрадни уметници.

Тој појасни дека ги сфаќа организаторите кои се желни за брза заработка со регионалните гости, но порача дека е крајно време да се стави ред на нашата естрада.

-Не може нашите, во нашата земја да ги ставаме во втор план! Ќе формираме комора, и мора да се сменат или дополнат некои закони! Музичарите кои доаѓаат преку разни продукции и дебело ги наплаќаат своите настапи кај нас, ќе треба да си платат одреден процент од хонорарот во Комората! Исто така, ако некоја општина сака на ангажира пејач од странство на општинска манифестација, истиот да не смее да биде платен од народни пари, туку единствено ако си најдат спонзори. Тоа се едни од првичните измени за кои ќе се залагаме да се случат што е можно побргу! Се разлабавија мерките, и веднаш се започна со најавување на концерти на балкански музичари. Ние мора да ја заштитиме нашата естрада – појасни Стојановски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости