Насер Селмани: Не прифаќаме дека во владата има добри и лоши дечки, мора да се спречат насилниците

by Fokus

Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари, кој пред некој ден беше вербално нападнат од претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беќир Асани на протестот пред владата истакна дека денес не се таму зошто му се заканувале на него, туку зошто се малтретираат новинари.

– Се спроведуваат цензури во телевизиите. Новинарите се влечат по судови. Сакам да испратам неколку пораки. Најпрвин до владата на која и плаќаме даноци. Не прифаќаме објаснување дека во владата има добри и лоши дечки. Значи, не прифаќаме две влади. Оваа влада мора да ги замолчи насилниците, во спротивно ќе станат дел од таа приказна. Втората порака е до македонските граѓани. Ако сега бидеме замолчени, да знаете дека вие сте на ред. Бидете будни. Еден режим што испративме, нема да дозволиме да се воспостави нов. Утре ќе биде многу доцна – истакна Селмани.

Тој испрати порака и до насилниците, на кои им порача дека не им се плаши.

– Не му се плашев на Груевски кога неговите силеџии ми се закануваа. Не им се плашам ниту на насилниците на ДУИ. Сега е време да се направи разлика, кој е со насилниците, а кој е за слободна Македонија. Уште една порака до моите колеги, да продолжат со работата, никој ништо не им може – додаде Селмани.

М.В.

Поврзани новости