Насер до Поповски: Врзете ги кучињата!

by fokus

Претседателите на ЗНМ и ССНМ, Насер Селмани и Тамара Чаусидис, разменија неколку збора со министерот без ресор, Роберт Поповски, на денешниот протест на новинарите пред Владата.

Откако министерот заврши со своето обраќање, каде рече дека Владата го осудува секој напад и притисок врз новинарството, претседателката на ССНМ, му порача на Поповски дека новинарите не се убедени во постапувањето и неселективноста на институциите.

-Имаме чувство дека не се делува доволно. Поради тој факт се собравме ние тука – рече Чаусидис.

Претседателот на ЗНМ, пак, кон кого беа упатени заканите од братот на функционер на ДУИ, што го иницираа протестот, му рече на Поповски:

-Врзете ги кучињата. Мора да бидат врзани за да не касаат – рече Селмани додавајќи дека се додека не бидат скротени силеџиите, ќе претставуваат закана за слободата на говорот.

Министерот Поповски се сложи дека заканите мора да престанат и рече Владата нема да дозволи да се врати времето на пресија врз медиумите, како што беше во претходната власт.

-Вицепремиерот, Бујар Османи, кој е од истата партија, го осуди нападот. Убеден сум дека притисоците врз новинарите ќе престанат. Уверувам дека оваа Владата ќе ја врати правната држава. Но морам да порачам дека Владата е една адреса. Друга е јавното обвинителство и таму е сега случајот – им одговори Поповски на Селмани и Чаусидис.

Тој додаде дека нападот врз претседател на здружение на новинари е сериозна работа и додаде дека сериозно се постапува по тоа.

 

Поврзани новости