Нарушена е самостојноста на Советот на јавни обвинители, се наведува во проектот „Заедничка акција за итни реформи“

by fokus

Советот на јавни обвинители има многу мали капацитети во споредба со судскиот совет, заклучија организациите кои го спроведоа проектот „Заедничка акција за итни реформи во судството“.

Институтот за човекови права, МЗМП и ЕПИ во извештајот нотираат дека иако членовите на советот гласаат тајно, нивните одлуки можат јасно да се разберат бидејќи тие гласаат по азбучен ред.

-Во врска со последното бирање на обвинители, од 14 кандидати, избраа седум. Секој член на Советот на јавни обвинители земаше збор, а настана бука околу изборот на Марија Ѓоргиева и неизборот на Лидија Раичевиќ. Пред да дојде на ред кандидатурата на Марија Ѓоргиева, Коле Штеријев кажа дека му е подалечна роднина и кажа дека нема да зема збор и нема да гласа, а присутен бил поради кворум. Ако се тргне од конфликт на интереси, немаше, но ако гледаме од призма на етика, тука може да стане збор за нешто друго, но не е како што излезе во јавноста. За неизборот за Лидија Раичевиќ, сите се произнесоа зошто гласале не, освен членот Фиданка Раевска која не зема збор и гласаше воздржано, нотираат од организациите.

Проблем во делот кај Советот на јавни обвинители е финансирањето. Како што соопштија организациите, тој се финансира од буџетот на Јавното обвинителство со што се нарушува самостојноста, бидејќи тие треба да го контролираат обвинителството, а буџетот им зависи од него.

Во врска со Судскиот совет, организациите се децидни дека членовите не ги оцениле соодветно судиите, меѓу другото зотшто имало злоупотреби на АКМИС системот односно распоредување на случаи.

-Деведесет и два отсто од судиите во 2015 и 2016 година биле оценети со највисока оценка, а само 20% од претседателите на судовите биле со највисока оценка, велат од организациите, кои повикаа да се истражат злоупотребите на АКМИС системот до крај.

 

Поврзани новости