Акцијата „Генералка викенд 2022“ годинава ќе се одржи на 6, 7 и 8 Мај и се вклучени 26 општини меѓу кои и Град Скопје со што се опфатени повеќе од 1,2 милион жители.
Според организаторите Гордана Софија заедно со Ханес Јаецкл продуцентот од Австрија кои се основачи на австриско-македонската компанија Мен енд Маунтен и го создадоа проектот„Зелена сончева“ велат дека ова е единствената акција каде се вклучени сите слоеви на општеството, без разлика на политичка, религиска, родова, возрасна и национална позадина и да ја исчистат нивната непосредна околина, со една цел: собирање на отпадот од минатото и рециклирање во зелена иднина за нас и за идните генерации.
Идеите, плановите на „Зелена сончева“, проектите и искуствата за „Фокус“ ги сподели Гордана Софија
ФОКУС: Од кога постои Зелена Сончева и за што се залага?
Има само едно нешто што е посилно од најголемите финансиски, политички или социјални кризи, а тоа е ИДЕЈАТА што не познава етнички или полови граници, не познава возраст или степен на образование – ги инспирира луѓето, активира енергија и отвора патеки кои претходно не постоеле.
И така ја создадовме ИДЕЈАТА за земја што е изградена на креативност, почит и љубов кон природата во која живееме и нејзините луѓе, интелигенција и талент, одржливост заснована на наследството на нашите предци и надеж. И оваа земја ја нарековме: СОНЧЕВА.
ФОКУС: Секој почеток е тежок, каков беше вашиот?
Од 2019 година патуваме низ нашата СОНЧЕВА и откривме исклучително интересни и иновативни луѓе низ целата земја, кои успеале да создадат производи, начин на живот или уметничка форма што им овозможува да заработат на одржлива основа за нив и нивните семејства. Некои од нив се вратија во селата на нивните предци за да ја реконструираат својата економска и еколошка рамнотежа и да ја ревитализираат нивната инфраструктура. Сите тие луѓе ги комбинираме во живописна и шарена мрежа и ги нарекуваме „АМБАСАДОРИ на СОНЧЕВА“.
ФОКУС: Како им помогнавте на индивидуалните производители?
Но, индивидуалните производители на најпрекрасните производи од секаков вид не можат да постојат без инфраструктура на меѓународните корпорации кои да им го овозможат тој бизнис преку давање телекомуникациски услуги, осигурување, финансирање или дистрибуција на енергија. Со зближување на локалните и меѓународните бизниси и објаснување на симбиотската конекција меѓу нив, можеме повторно да изградиме нова доверба во домашното производство и иновации. Ги покануваме меѓународните корпорации и институции како поддржувачи на нашиот проект да ги намалат растојанијата и да го зголемат разбирањето и довербата помеѓу локалното население и претставниците на меѓународните мрежи.
ФОКУС: Како дојдовте до идејата за „Генералка Викенд?
Како прв чекор кон подобра иднина, мораме да ја поправиме нашата околина. Оваа земја сериозно страда од диви депонии за отпад и недостаток на доследно управување со отпадот. Затоа јасоздадовмеЗЕЛЕНА СОНЧЕВА проект составен од два дела. Првиот е ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД – настан за собирање и селекција на отпад секој втор викенд од мај што ќе трае 10 години – од 2021 до 2031 година, а вториот е СОНЧЕВА ГОРА – пошумување. Во првата година веќе имавме вклучени повеќе од 1.000 волонтери во 10 општини кои собираа 175.000 килограми отпад во рок од три дена. Во 2022 година се вклучени 26 општини со повеќе од 6.000 регистрирани волонтери кои се очекуваат. До 2024 година сакаме да ги опфатиме сите 82 општини во земјава да учествуваат на ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД.
ФОКУС: Кои се плановите во иднина?
Поради огромните позитивни реакции на кои наидовме во последните седмици за акцијата ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД што ја организираме заедно со Пивара Скопје и Пакомак, нашиот план во следниве две години да ги вклучиме сите 82 општини стана реално сценарио. Во Македонија сè уште имаме повеќе од 2000 регистрирани диви депонии кои упорно ни ја уништуваат водата, ни ја трујат храната и ја уништуваат иднината на нашите деца. Со ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД се обидуваме да дадеме пример дека ако сите членови на општеството работат заедно, тогаш можеме да промениме сè на суштинско ниво и да го направиме овој живот и оваа земја рајот што би можел да биде. Ако е неопходно да се постигне таа цел, да се спроведува ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД почесто годишно, тогаш ќе го направиме тоа.
ФОКУС: Дали планирате и други акции или едукација на граѓаните?
Започнавме две активности во последните неколку месеци во оваа насока. Првата е наречена СОНЧЕВА заедница на пракса во која сакаме да ги повикаме и собереме на едно место сите претставници на комуналните претпријатија и инспекторите за животна средина од сите општини учеснички во ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, за да разговараат за заедничките проблеми и можните решенија во однос на локалното управување со отпадот. И втората иницијатива се заснова на работата на Универзитетот од Упсала во Шведска за имплементирање на елементи на холистичко образование за животната средина во нашиот училишен систем.
Но, менувањето на законите и ставањето високи казни нема да го направи трикот. Народот треба да разбере дека со своите дела го уништува животот на идните генерации во нашата земја.
ФОКУС: Кои се другите проекти на Зелена Сончева?
Во моментов формираме независна платформа заедно со Шпаркасе Банка за приватни и корпоративнидонации. Веќе имаме барање за околу 20.000 дрвја кои итно им се потребни на општините, за да ги обезбедат нивните водни ресурси и да го подобрат квалитетот на воздухот, особено во зимските периоди. Сè уште не сме нашле начин да ги добиеме тие дрвја од државните институции. Затоа сега ги повикуваме физичките лица, како и корпорациите во Северна Македонија да донираат, за да се спаси здравјето и надежта на граѓаните кои се гушат од секојдневното загадување. Не ни се потребни многу пари за да го подобриме квалитетот на животот во тие општини и таму наидуваме на огромна волја за одржување на тие дрвја локално.
Овие зелени острови што ги засадуваме заедно со општините врз основа на тие донации имаат исто име. Се викаат СОНЧЕВА ГОРА.
ФОКУС: Која е разликата меѓу Македонија и Австрија
Мое субјективно гледање е дека еколошката свест во Австрија почна да се менува пред околу 20 години кога луѓето почнаа да сфаќаат дека количината на уништување ќе има многу посилно и негативно влијание врз целото општество и дека од економска гледна точка е многу полошо да немате организирано сепарирање на ѓубрето и капацитети за рециклирање отколку да останете на стариот пристап. Мислам дека ова ја спаси Австрија од давење во отпад и особено од трошоците што треба да се покријат за да се отстрани тој отпад.
Влијанието што го имаше оваа промена на стратегијата сто пати докажа дека тоа е исправно решение. Големите градови како Виена имаат највисок квалитет на живеење.
Водните ресурси се стабилизирани, австриската енергетска политика може да се потпре на водата, сончевата енергија како и ветерот. Ништо од ова не беше особена наука, туку бараше само двенешта:
1. Разбирање дека нашата средина е основата на нашиот економски и културен живот
2. Нашата околина е она што не одржува здрави и продуктивни.
Сето ова може да се спроведе секаде и не бара многу инвестиции или средства од Европа или амбасадите.
Промената бара само една работа: разбирање на граѓаните дека нивната околина е нивното наследство, но и нивна иднина. И како што ја третираат околината, така и средината ќе ги формира нив.
• ИДЕЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ОДЛИВ НА УМОВИ И ВЕШТИНИ
Кога природните ресурси се користат внимателно и се комбинираат со светли идеи, оваа земја станува подобро место – за сегашните и за следните генерации. Сакаме да ги инспирираме младите и старите, девојчињата и момчињата и сите членови на нашaта разновидна култура да преземат акција за да станат она што отсекогаш сакале да бидат – и можеби ќе можеме да видиме обновено и оптимистичко општество кое ќе расте во нашата земја на Сонцето!
Соња Танеска