Каде и да одиш, каде и да шеташ, не се срами, не се плаши, Македонец да си – се дел од стиховите на популарната песна ,,Една мисла имаме”, која ја отпеа легендарниот Војо Стојановски, на ,,Гоце Фест” во 1996 година.
Нумерата во која се опејува љубовта кон Македонија, и која на некој начин ја обележа музичката кариера на Стојановски, периодов повторно ја бранува јавноста.
Истата уште пред 12 години беше препеана од бугарската пејачка Глориа, со изменет текст, каде пејачката наместо Македонија, како што е оригиналната верзија, ја опева љубовта кон Бугарија.
Деновиве пак, актуелна е нова верзија, исто така од бугарска пејачка, извесна Дана.
-Каде и да одиш, каде и да шеташ, не се срами, не се плаши, Блгарин да си. Блгарија цела да е, секој да ја знае – е дел од верзијата на бугарските пејачки.
Околу тоа чиј е всушност овој македонски хит, кој според пошироката јавност е авторска песна на Војо Стојановски, која бугарските пејачки без дозвола ја украдиле и го измениле текстот, сепак постои и друга приказна.
Имено, автор на песната ,,Една мисла имаме” е Владе Георгиевски од групата ,,Пелистер”. Тој ја напишал песната и за прв пат ја испеал на Фолк Фест Валандово, во 1990 година. Песната била објавена на третиот албум на групата во 1992 година. По четири години, Војо ја испеал на Гоце Фест.
Како што е наведено на официјалната страница на музичарот Георгиевски, верзијата која ја пеел Војо претрпела мали измени, и за неа тој добил награда на фестивалот, а пак Владе бил награден за текстот на песната на истиот фестивал. Исто така, пишува на страницата, дека песната е снимена и од бугарски пејачи.
-Официјално е потврдено дека бугарската адаптација е обработка на македонскиот оригинал – објавено е на страницата на Георгиевски.
,,Една мисла имаме,, помеѓу народот е прифатена како песна на Стојановски, а последните случувања со бугарските верзии предизвикаа револт кај јавноста.
Околу тоа дали ќе следува тужба до пејачките кои ја изведуваат со изменет текст, синот на Војо, музичарот Дамјан Стојановски, за ,,Фокус” вели дека за кратко време ќе следуваат тужби, не само за Глориа, туку и за сите други кои крадат туѓи песни.
-Најмногу не боли тоа, што ова не е обично препејување, туку е сквернавење на текстот. Сега е се уште рано да коментирам на темава, набргу ќе се знаат деталите – вели музичарот.
Сепак, со оглед на тоа што авторот на првичната верзија на песната, Владе Георгиевски, навел дека официјално е потврдено дека песната е обработка на неговиот оригинал, се наметнува констатацијата дека бугарските пејачки, всушност не направиле никаков прекршок, бидејќи добиле дозвола од авторот.