Хуманите граѓани преку платформата за донации eCrowd.mk во изминатите три месеци донирале 100.000 евра. Средствата се наменети за лекување на наши граѓани, кои поради одредени причини не добиле финансиска помош од Фондот за здравство, па преку донации доаѓаат до средства со кои ќе ги платат трошоците за лекување.
Веста за донираните средства ја објави д-р Ненад Лазаров, кој е дел од платформата на која се објавуваат апели за донации кои се детално проверени и како што вели, безбедно е да се донира.
-Без никакви ресурси правиме чуда, другарски асистираме секакви ситуации, каде што сме морале и врски сме фаќале да стигне пациент до колега некој, дампимг на многу услуги во странство направивме зошто веќе не може да се ,,колат” пациентите, не е само директниот финасиски аспект на филантропијата. 100.000 евра на доверба во нашиот збор дониравте за 3 месеци!
Илјадници донации по 100 денари, последните пари некои луѓе ги даваат, од секаде во Македонија и од цел свет!
Замислете да добиеме ресурси и поддршка? Горд сум што сум дел од оваа микро-специјална единица од вредни,чесни и интелигентни луѓе. А треба да сте и сите вие кои не поддржувате, нема да разочараме. Не сте повеќе сами!- објави докторот.
Инаку, eCrowd.mk е донациски сервис и единствената краудфандинг платформа во Македонија. Моментално во тек се десетици кампањи за донирање на средства за лица на кои им е потребно лекување, најчесто на клиника во странство.
Принципот на работа на сервисот за донации eCrowd.mk е сличен на оној на светските краудфандинг платформи.
Донации преку сервисот имаат право да собираат граѓански организации (правни лица регистрирани според Законот за здруженија на граѓани и фондации). Како донатори на сервисот може да се јават сите иматели на банкарски картички.
Средства се прибираат на посебна и безбедна банкарска сметка, и потоа во форма на донација се исплаќаат на граѓанските организации, кои имаат обврска да бидат отчетни и да известат како ги потрошиле средствата.
Откако започна да функционира платформата, се собраа потребните средства за лекување за повеќе лица.
Вики Клинчарова