Народниот правобранител искажува јавно незадоволство и е зачуден со каква леснотија парламентот на вчерашната 149 седница со буквално неколку збора (амандманите не се преведени), стави точка на можноста за донесување на измените и дополнувањата на Законот на Народниот правобранител, кои имаа неколку цели, соопштија денеска од Канцеларијата на Народниот правобранител.
Оттаму наведуваат дека со недонесувањето на измените и дополнувањата на законот, Народниот правобранител на Република Северна Македонија остана единствена институција во регионот без стаус А, со што пак директно и се наштетува на нејзиниот углед и можноста за поголем ангажман во сите меѓународни организации каде членува.
Народниот правобранител апелира до Собранието да ја продолжи 149 седница и да биде разгледан и донесен дополнетиот предлог Законот за изменување и дополнувањата на Законот за народниот правобранител.
Години наназад, како што велат, државата преку надлежните институции имала обврска да создаде и законски претпоставки Народниот правобранител да може да биде Национална институција за заштита на човековите слободи и права, со стаус А бидејќи тоа произлегува и од повеќе меѓународни документи.
– Впрочем, минатото лето во посета на земјата беше и делегација на Европската мрежа на национални институции за заштита на човековите слободи и права (ENHRI), која заради донесување на измени на законот во оваа насока и имплементација на таканаречените Париски принципи, кои се меѓународно утврдени стандарди усвоени од Комисијата за човекови права при Организацијата на Обединетите нации, се сретна со сите релевантни чинители. Овие принципи, пред се, ги дефинираат мандатот и надлежноста на националната институција за човекови права, нејзиниот состав и правната, оперативната и финансисиката автономија/независност, појаснуваат од Канцеларијата на Народниот праовбранител.
Со законските измени, исто така, се предвидувала и можност Народниот правобранител да ги врши мандатите за следење на спроведување на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност на ООН и Факултативниот протокол и да дејствува како Национален известувач за трговија со луѓе и илегална миграција.
– Овие два мандата институцијата со години ги врши без законска основа, а по барање на владата и нејзино ветување дека истите приоритетно ќе бидат законски нормирани бидејќи државата мораше да определи институција која ќе ги врши овие два мандата, согласно меѓународно прифатени обврски од ООН и Советот на Европа. Притоа, воопшто и не треба да се потсетува дека сите омбудсман институции во регионот ги изменија своите закони во оваа насока, се вели во соопштението.
За потребата од изменување на Законот за Народниот правобранител уште во 2015 година во својот извештај посочил и Прибе, а со оглед дека во меѓувреме беа направени само делумни и козметички измени, стои во соопштението, дополнително Европската Комисија и другите релеватни меѓународни организации укажуваа/препорачуваа државата доследно да ја доуреди законската рамка на институцијата.
Воедно, дел од измените се однесуваа и на зголемување на мандатот на невладините организации кои треба да дејствуваат во рамки на Механизмот за граѓанска контрола, а за чиј избор веќе неколку години во континуитет алармира и Советот на Европа. Ова, соопштија од Канцеларијата на Народниот правобранител, особено што се покажа дека со мандат од една година, единствтено се завршува само изборот на овие претставници што на некој начин е про- форма исполнување на законската обврска.
– Овие измени требаше да овозможат и имлементација на препораките на Европската комисија во делот кој што се однесува за независните регулаторни контролни и надзорни тела, вклучително и Народниот правобранител, а согласно кои треба да се осигури нивната независност и да се зајакнат нивните капацитети, се наведува во соопштението.