Народниот правобранител Иџет Мемети е избран за нов член на Советот на јавни обвинители. Поточно денеска, пратениците со 61 глас „за“, без против и без воздржани изгласаа Иџет Мемети и Љупчо Ивановски да станат членови на Советот на јавни обвинители.
Со 61 глас „за“, без против и без воздржани ја избраа Павлина Црвенковска за член на Судски Совет.
Мандатот на Мемети му завршува на 24 декември, осум години по „црниот понеделник“ кога беше изгласан повторно за правобранител и кога не реагираше при исфрлањето на пратениците од опозицијата и новинарите од Собранието.
На 24 септември почнаа да течат последните три месеци од неговиот втор мандат, но Собранието уште нема избрано негов наследник. Според информациите од таму, огласот за избор на нов Народен правобанител е завршен и сега кандидатите треба да бидат изгласани на Комисијата за избори и именувања, а потоа како предлози да бидат доставени до Собранието. Иако се зборува дека за ова место е пријавен само кандидатот за премиер на ДУИ, Насер Зибери, сепак од Собранието брифираат дека во игра се уште неколку кандидати.