Институцијата Народен правобранител ќе работи на случајот со 17 годишникот со аутизам за кој медиумите објавија дека имал нехуман однос во Психијатриската болница во Демир Хисар, најави државниот советник во Народен правобранител, Васка Бајрамовска Мустафа.
– Слушнавме за настанот, објавија повеќе медиуми. Согласно надлежностите, отворивме предмет по сопствена иницијатива. Ќе ги преземе сите мерки за испитување на случајот, имајќи предвид дека немаме директна претставка директно од родителот како би можеле да ги добиеме основните податоци. Но и овие се доволни за да иницираме една постапка. Да бараме од надлежните органи да се направи надзор над работата на установата и секако да бараме соодветни информации за изнесени наоди на родителот преку медиумите за начинот на којшто детето беше третирано додека било сместено во установата, истакна Васка Бајрамовска Мустафа.