Народниот правобранител Иџет Мемети до Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) поднел предлог за утврдување кривична одговорност против четворица полицајци и против други непознати службени лица од МВР за мачење и друго сурово, нечовечко и понижувачко постапување и казнување врз повредените Горјан Атанасов, Горан Наумовски, Бахри Реџепи и Димитрија Анѓелковски, дел учесници, а дел репортери од протестите на Шарената револуција во Скопје, пренесува Сакам да кажам.
Во предлогот на Омбудсманот се наведени и други полесно повредени учесници во протестите на 13 април годинава, ден по амнестирањето на 56-темина високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ и нивни помошници, од претседателот Ѓорге Иванов.
“Од страна на посочените припадници на МВР, неселективно, кон одредени демонстранти биле употребени средства за присилба: тонфа, удирање со полициска палка и штитник и врзување на рацете со лисици. Како последица на нивното дејствување, кај приведените лица во полициските станици Центар и Кисела Вода биле констатирани следните повреди: Горјан Атанасов имал повреда на долната вилица, Крсте Ѓонески имал црвенило на лактите и колената, Вангел Милески црвенило на десната надлактица и на левата натколеница, Никола Аризанов имал црвенило на левата подлактица, а Сашо Рафајловски повреда на зглобот од левото стапало“, се вели во предлогот до ОЈО Скопје.
Се наведува дека кај Горан Наумовски, новинар во Плусинфо, во болницата Св. Наум Охридски била констатирана контузија на главата, а кај Бахри Реџепи вртоглавица и огромен подлив на десното колено.
Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР, пак, оценил дека се оправдани мерките на полицајците кои тепаа демонстранти и новинар таа вечер.