Европската инвестициска банка ги цени активностите коишто ги презема Народната банка во изминативе неколку години во сферата на зеленото финансирање и е подготвена да обезбеди поддршка за активностите планирани во периодот 2023 ‒ 2025 година, соопшти Народна Банка по средбата на гувернерката Анита Ангеловска-Бежовска со претсавникот на ЕИБ Бјорн Габриел.
„Со оглед на значајноста на ризиците коишто ги носат климатските промени во глобални рамки, вклучително и за финансиските системи, од 2020 година „зелената“ и одржлива економија стана една од стратегиските цели на Народната банка. Во 2021 година, Народната банка стана членка на Меѓународната мрежа на зелени финансии во која членуваат централни банки и финансиски регулатори, а во 2022 година за првпат беше спроведена и анкета за оцена на свесноста за овие ризици и начинот на управување со нив од страна на банкарскиот систем. Народната банка е во завршна фаза на изготвување на тригодишната Стратегија за поттикнување на зелените финансии“, соопшти Народната банка.
Стратегијата на Народната банка за поттикнување на зелените финансии ќе засега повеќе сегменти, меѓу кои се финансиската стабилност, банкарската регулатива и супервизија, монетарната политика, истражувањето, финансиските пазари и понатамошниот развој на организациската култура и капацитетите во Народната банка, посочии гувернерката Ангеловска-Бежовска на средбата.
„Некои од позначајните активности во рамките на Стратегијата се подготовката на насоките за работењето на банките во доменот на управувањето со климатските ризици, како и стрес-тестирањата за оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени“, ијзави гувернерката.
Од Народна банка велат дека претставникот на ЕИБ, Бјорн Габриел, позитивно ги оцени досегашните активности на Народната банка и изразил подготвеност да го поддржи спроведувањето на Стратегијата преку програмата на ЕИБ „Зазеленување на финансиските системи“.
Поддршката што ЕИБ ќе ја даде на Народна банка ќе биде насочена кон јакнење на капацитетите за оцена на влијанието на климатските ризици врз стабилноста на банкарскиот систем, мерки за заштита, развивање политики, регулативна рамка и соодветни инструменти за справување со ризиците.
„Подетално за формите и начинот на поддршка помеѓу ЕИБ и вработените од Народната банка кои работат во оваа област беше разговарано на работилницата организирана во Народната банка“, соопшти НБРМ.
Од Народна банка велат дека досегашните заложби за раст на зеленото финансирање вродија со значителен напредок.
„Од почетокот на прибирањето на податоците за зелени кредити во земјава (крајот на 2019 година), заклучно со првиот квартал од годинава, се забележува удвојување на вкупната сума на издадените зелени кредити. Во овој период, ‘зелените кредити’, или кредитите за финансирање обновлива енергија, енергетска ефикасност, одржливо земјоделство и технолошки иновации, пораснаа и сега изнесуваат 3,7% од вкупните кредити. Народната банка преку низа мерки го поддржува зеленото финансирање, вклучително и преку измените во инструментот за задолжителна резерва“, соопшти Народна банка.