Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка.
Макроекономските проекции за периодот 2024 − 2026 година упатуваат главно на слична макроекономска слика како и во октомвриските проекции. При презентацијата на проелтните макроекономски проекции, гувернерката на народната банка рече дека полошите изгледи за македонската економија се должат на слабата година лани и лошата реализација во првиот квартал од оваа година.
Во однос на економскиот раст, се очекува дека стапките на раст на БДП ќе изнесуваат 2,6% во 2024 година и 3,6% во 2025 година, наспроти октомвриските очекувања за 3% и 4% во 2024 и 2025 година, соодветно. За 2026 година се очекува умерено забрзување на растот, во услови на поповолно надворешно окружување, постабилен амбиент и поголема склоност за потрошувачка и инвестиции.
Инфлацијата и во овој циклус би ја задржала патеката на надолно приспособување до крајот на периодот на проекциите. Проекциите за 2024 година покажуваат забавување на ценовниот раст и просечна стапка на инфлација од 3,5%, што е на долната граница на интервалот очекуван во октомври (3,5 − 4%). На среден рок очекувањата се непроменети, односно во периодот 2025 − 2026 година инфлацијата ќе се сведе на историскиот просек од 2%.
Надворешната позиција на домашната економија и во рамките на најновите проекции се оценува како поволна, при подобри остварувања во 2023 година од очекувањата (остварен суфицит во тековната сметка), главно заради значителното намалување на увозот. Постепената нормализација на увозот на суровини и материјали, ќе биде главниот фактор за остварување умерен дефицит на тековната сметка од 2,4% од БДП во 2024 година. Во наредниот период, посилното влијание од извозната побарувачка, во услови на стабилизација на цените на енергијата и на примарните производи, ќе придонесе за одредено намалување на дефицитот кај тековните трансакции на нивото од 2,1% од БДП во 2025 − 2026 година. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи на финансиската сметка, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се одржуваат на соодветното ниво, гарантирајќи ја стабилноста на девизниот курс.
По забавувањето во 2023 година, се очекува постепено забрзување на кредитната активност во следниот тригодишен период (2024 − 2026 година). Во услови на стабилен и сигурен банкарски систем и постепено ослабување на ризиците за економијата, се очекува дека кредитниот раст умерено ќе забрза во 2024 година, односно ќе изнесува 6,1%. Кредитната активност ќе биде поддржана и од растот на вкупните депозити, којшто на крајот на 2024 година би изнесувал 7,4% и би забрзал на 7,6% во периодот 2025 ‒ 2026 година.