Народе погледни се

by fokus

Сѐ додека не престанеме да ја туркаме главата во песок како ној, а вината да ја префрламе на друг, нема ниту да пораснеме, ниту да созрееме, ниту да го направиме општеството нормална средина за живеење, а нашите деца одговорни и свесни граѓани

Звонко ДАВИДОВИЌ

Историјата на човештвото е борба за неговото вековно тежнеење, борба за слобода, правда, братство, еднаквост. Во мигот кога човештвото успеа да излезе од средниот век и да раскрсти со тоталитаризмот на црквата и  божественото право на царевите и кралевите да управуваат и господарат со сѐ на земјата, се јави надеж дека човештвото ќе успее да зачекори кон своите најсакани визии и сништа.

Човештвото повторно ја откри природата и индивидуата и се стремеше кон создавање еднакви индивидуални права ограничени во еден мал нужен дел, кои доброволно ѝ се предаваат на државата, која ја чинат и ја создаваат токму тие индивидуи. Човештвото веруваше дека е можно да ја возобнови одамна изгубената симбиоза со природата воспоставувајќи баланс меѓу својата моќ и рационалноста, која неминовно ќе доведе до период на мир, благосостојба и раст на општеството.

Во ренесансата и периодот по неа, човештвото создаде  нова научна мисла, која изнедри невидени производни сили и целосно го трансформира материјалниот свет. Се создаваа политички системи, кои навидум гарантираат слобода, еднаквост и продуктивен развиток на единката.

КАДЕ СМЕ И КАДЕ ОДИМЕ?

Работното време, од седумдесетчасовно, се скрати на четириесетчасовно, а на луѓето им беше овозможено слободно време  за кое неговите предци можеа да  сонуваат. Очекувањата и усилбите беа насочени кон надградба и усовршување на моралните и човечки вредности, воспитувањето на децата, создавање здрави семејни и општествени односи, ползувањето на слободата во секоја област во културното, општествено и политичко живеење, рамноправност пред законот и институциите, право секој да избира и да биде избран.

Уште многу може да се зборува за овој период на ренесансата и препород на човештвото, но прашањето е каде сме денес и каде одиме?

Состојбата е поразителна и повеќе од алармантна, и тоа на сите нивоа, глобално, национално и индивидуално и во сите области на општественото, политичкото и индивидуалното живеење. Никогаш повеќе не биле извикувани и не се повикувале луѓето на паролите на слободата, еднаквоста, братството, благосостојбата, демократијата, правдата и правичноста, и како денес никогаш не сме биле подалеку од нив.

На глобално ниво, воените судири не стивнуваат, туку напротив само се разгоруваат зафаќајќи и нови територии, експлоатацијата и уништувањето на природата само се зголеми со нашите апетити, ропскиот однос и експлоатацијата на луѓето само го смени рувото и принципите, сѐ уште умираат голем број луѓе од глад, неписменоста се зголемува, сиромаштијата зафаќа сѐ поголем број луѓе.

Цели екосистеми се уништени, природата сотрена до непрепознатливост, сѐ повеќе животински и растителни видови се изумрени и избришани од лицето на планетата. Сушите, ветриштата, ураганите и торнадата, поплавите и другите природни појави се неприродно силни и разорни, климатските услови посурови и изменети до непрепознатливост. Сѐ почести се вирусите и бактериите за кои немаме соодветен медицински третман и лек, сѐ повеќе човечки животи се губат, а човештвото полека тоне во изолација и отуѓеност од себе, природата, околината.

ОТСУСТВО НА СОЧУВСТВО И СОВЕСТ

На национално и државно ниво, состојбата е еднакво поразителна, со тоа што сушите, ветриштата, земјотресите се заменети со корумпирани политичари, тајкуни, транзициски профитери, полтронски судии, неписмена партизирана администрација, партизирана и заробена држава, разнебитени и нефункционални институции, озаконето беззаконие, втемелена како вредност, нееднаквост, несигурност, а правдата и правичноста само празни зборови и ветувања.

На индивидуално ниво, состојбата е уште полоша и алармантна. Нивото на неписменоста, особено на функционалната неписменост расте, луѓето се сѐ попримитивни  и посурови, морално изопачени, без морални  вредности и човечност. Отуѓеноста и осаменоста на луѓето е сѐ поголема, завидливоста и злото доминираат, сочувството и совеста отсуствуваат.

Гатачки, волшебници, бајачи, гледачи и местачи виреат на секој чекор, алкохолизмот и наркоманијата галопираат, корупцијата цвета, криминалот се оправдува, а криминалците глорифицираат. Некадарноста, лажењето, политикантството, полтронството и неработењето станаа доблести, се слават криминалци, а хероите се забораваат или служат за мајтапење, а празниците и нивната смисла се извитоперени, 8 Март се претвори во пијанка на разулавени жени по кафеани, 1 Мај во печење скара и пиење пиво, 8 Септември екскурзија во Грција, 2 Август во партиско плукање… Образованието стана интернет-средба, социјалната помош партиски поткуп за глас на изборите, работно место партиска привилегија…

Имаме ли сили, разум и време да се промени ваквиот тек и смисла на денешното живеење и можеме ли да се смениме и да станеме господари на своите животи или ќе дозволиме други да нè владеат нас? Ќе можеме ли да се ослободиме од длабоко всадените корени на варваризмот кои нè тераат проблемите да ги решаваме со навредување, сила, насилство и убивање и да го премостиме длабокиот јаз меѓу нашите големи интелектуални дострели и нашата емоционална и морална заостанатост?

Тешко дека ќе можеме тоа да го сториме ако не се погледнеме себе си вистински и објективно во огледало признавајќи дека сме еднакви и ништо подобри од другите и дека и во нас лежи  вина за се она што се случува околу нас и дека во сето тоа има и наш придонес со наше учество или немо набљудување од страна.

ТРЕБА ДА СЕ ОСВЕСТИМЕ

Треба да се освестиме и да сфатиме дека милиони луѓе во нашата сопствена средина, и стотици милиони надвор, немаат што да јадат и умираат од глад,  а ние фрламе храна, го ограничуваме земјоделското производство и секоја година трошиме стотици милиони за складирање на вишоците.

Градиме барокни згради, кичерај и непотребни мостови, а затвораме фабрики. Имаме изобилие, но немаме блаженство, побогати сме само во неморалот, а сиромашни во духот, независни но помалку слободни. Консумираме повеќе и имаме поголем избор, но помалку сме исполнети, без вкус и сопствен избор. Имаме повеќе  оружје и воени сојузи, но помалку сме заштитени. Добиваме повеќе образование и се китиме со се повеќе дипломи и титули, но имаме сè помалку знаење, критички судови и убедувања. Имаме повеќе религија, но стануваме се поголеми материјалисти.

Сѐ додека ова не го сфатиме и не престанеме да ја туркаме главата во песок како ној, а вината да ја префрламе на друг, нема ниту да пораснеме, ниту да созрееме, ниту да го направиме општеството нормална средина за живеење, а нашите деца одговорни и свесни граѓани.

 

Поврзани новости