Македонецот е единствениот кој самиот понизно се деградира во деминутивот „Македонче“. Нема и никогаш нема да има „Српче“, уште помалку „Црногорче“, не дај Боже, „the small American“ или „petit Francais“. Само „Македончето“ вели „немаш газ“ наместо „немаш мадиња“. Ако го притиснат или се најде во тесно, газ дава.
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Е, како бе? Е, како де? Ете така, „Македонче“, што да се прави!
Новата 2024 година продолжува со „кафкијанскиот“ процес. Марионетската и апартхејдска власт „Guns & Roses“, инсталирана со ограничен рок на траење, доследно го спроведува планот „Големото нулирање“.
За возврат, од западните „партнери и пријатели“ доби card blanch да пљачка безочно и секојдневно да продуцира афери и скандали.
Дил за препуштање на премиерската позиција во техничката влада на помалиот коалициски партнер од албанскиот блок.
Балансер во М-НАВ по терористичкиот упад во контролната кула, со разрешување на двајца директори по етнички клуч.
Обезбедување свои судии и јавни обвинители преку писмено полагање на квалификацискиот тест наместо електронски.
Барање изим за оние што до февруари не можат да обезбедат „северџански“ документи, Грците да се смилуваат рокот да го пролонгираат до октомври.
Аздисот и самопонижувањата немаат крај, бидејќи инсталираните марионети на власт го дадоа газот под кирија. Имаат историска мисија да го решат „завинаги македонския въпрос“!
Рајата одамна е скротена, отрпната, анестезирана. Народ рајатски! Точно пред 120 години, Крсте Петков Мисирков во „За македонцките работи“ ги дијагностицира најсуштествените негативни особини на рајатскиот менталитет.
„КАУРЦКИ“ И „РАЈАТЦКИ“
Красноречив опис: „Ако не питаше некој Турчин што сме, ке му одгоорифме да сме или „каури“ т.е неверници, или „раја на царот“. Со друзи зборои, није се кажуафме така како да не се расрдит агата. И каури зафатифме да се велиме и меѓу нас. Значит, од нас напраија народ „каурцки“ и „рајатцки“, термини осноани на нашата принизеност, на религиозната разлика меѓу нас и ниф и на обшчественото наше положејне“.
Македонецот е единствениот кој самиот понизно се деградира во деминутив „Македонче“. Нема и никогаш нема да има „Српче“, уште помалку „Црногорче“, не дај Боже, „the small American“ или „petit Francais“.
Само „Македончето“ вели „немаш газ“ наместо „немаш мадиња“. Ако го притиснат или се најде во тесно, газ дава, наместо да реагира, се умилкува и самопонижува. Кога српскиот џандар прашува дали чокалијата се буни, главниот лик од „Пиреј“ на Петре М. Андреевски, одговара: „Кој да се буни? Стадо без пастир, кај ќе го потераш таму оди. Кај ќе го врзиш таму ќе остане“!
Ама, ако само малку го олабават, „Македончето“, не само што газ бара, туку ептен аздисува, станува агресивно и зајадливо. Крева чалами и пее: „А бре Македонче“, „Јас сум чисто Македонче“ и „Едно име имаме“.
Бидејќи немал државотворно искуство и традиција, по завршувањето на Втората светска војна, на помош доаѓаат „комесари“, главно српски револуционерни кадри, за да го учат „Македончето“ како се прави држава.
Во име на правдата и Бога, прашање е дали добиената државност и слобода ќе знаеле да ја сочуваат поради реалната опасност од соседите и од внатрешниот непријател.
„СМАЧКАНО ПЛЕМЕ“
Таквиот перманентен страв за иднината е вонвременската песна на македонскиот поетски бард Гане Тодоровски: „Толку страхувам, некоја јанsа ме јаде / Да не би одново да те раздадеме“.
Патриотската незрелост и неспособност, но и енормната пакост, злоба и завидливост на „малите човечиња со високи функции“ и „ситни души“ го спречува и го сотрува стремежот за развој на државноспособните, какви што биле Кузман, Кочо, Пирузе, Ченто, Брашнаров.
Ништо не беа посаглам и интелектуалците, кои од кариеристички или од материјални побуди се трудеа да бидат во скутот на власта и политиката.
Дел од нив беа кодоши на службите, но најзагрижувачки факт е што единствено во Македонија немало класични дисиденти.
Секој род и време има изроди! Злата коб на родоотстапништво и предавнички менталитет се задржа до денес.
Едно време се играше и пееше по ноти од Белград, денес од Брисел и Вашингтон.
Деминутивот „Македонче“ се етаблира како алгоритам на животот.
Народ рајатински, „смачкано племе“. Без критична маса. Не се буни, не излегува на улица, молчи и трае.
Убедено дека секој отпор е залуден, отрпнатото и саштисано чека друг да го избави. За раат на душата, единствено му остануваат комплексите на инфериорност: „гајле ми е“, „што сакаат нека прават“, „јас ли ќе ја оправам“!