Нарендра Моди денеска положи заклетва откако беше избран за премиер на Индија и го започнува својот трет мандат на чело на владата на најнаселената земја во светот.
Ова е втор пат во историјата на Индија некој да биде премиер по трет мандат, по лидерот на независноста Џавахарлал Нехру, а Моди дојде до тој мандат со најслаб изборен успех до сега.
Откако неговата хинду националистичка партија БЈП (Баратија Џаната партија) не успеа да освои апсолутно парламентарно мнозинство, тој ќе мора да се потпре на коалиционите партнери на власт. Ова е првпат БЈП, за време на владеењето на Моди, да има потреба од поддршка од сојузниците за да формира влада, откако освои убедливо мнозинство во 2014 и 2019 година.
Поголемиот дел од населението на Индија, дури 80 отсто од нејзините 1,4 милијарди жители, се хинду.
Поддржувачите на Моди му признаваат брз економски раст и подобрување на глобалната положба на Индија.
Но, неговите критичари велат дека тој ја поткопува индиската демократија и нејзиниот статус на секуларна нација со хинду националистичките напади врз малцинствата во земјата, особено муслиманите, и ја ограничува слободата на медиумите. Неговите политички противници, исто така, ги доведуваат во прашање економските резултати, укажувајќи на високата невработеност и зголемената нееднаквост и покрај силниот економски раст