Задолжителната вакцинација на здравствените работници е важна поради тоа што здравствените работници се тие кои што треба да бидат пример за тоа. Доколку пациентите доаѓаат таму да се лекуваат, мора да знаат дека луѓето кои ги лекуваат се целосно вакцинирани, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
За предлог-мерките, како што рече, ќе се разговара на Главниот кризен штаб во понеделник, а потоа и на седница на Влада.
– Тоа е нешто што ќе го разговараме неделава што е пред нас. Ние оваа мерка ќе ја дискутираме на Главниот кризен штаб во понеделник, а потоа и на седница на Влада. Денеска искомуницирав и со претседателот на Синдикатот на здравство, кој апсолутно дава поддршка на оваа мерка, но, исто така го иницираше прашањето, исто како и другиот синдикат УПОС, што со оние кои нема да ја почитуваат оваа мерка, рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со сопругата на полскиот претседател и сопругата на претседателот Пендаровски во Институтот за трансфузиона медицина.