Извршната наредба на Бајден за санкции на сите субјекти кои се против Охридски и Преспански договор е дел од империјалистичката надворешна политика на САД која оперира со притисок, санкции, закани и воени интервенции – насилничка политика, реагираат од политичката партија Левица, во врска со декретот на американскиот претседател за санкции (забрана за влез и замрзнување на имот во САД) против оние што не ги почитуваат договорите.
Од Левица велат дека со ова се покажало оти борбата за националниот суверенитет сега ќе падне на грбот на обичните граѓани, односно оние што не располагаат со капитал за да може да бидат уценувани на ваков начин.
Всушност, ваквите договори како Рамковниот, Преспанскиот и бугарскиот предизвикуваат регионална нестабилност, а не обратно. Искуството низ годините покажа дека Охридскиот договор е само алатка на задоволување на теснопартиските интереси на ДУИ, кој 20 години е на власт на Македонија. Доследни на левичарската традиција, партијата Левица ќе продолжи да се спротивставува на сите штетни политики и договори кои се против националните интереси, воспоставени уште од АСНОМ. Од друга страна, додека македонската опозиција е заглавена во западен фундаментализам, не очекуваме автентичен отпор против ваквите договори, велат од Левица.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска во реакција на декретот на Бајден рекоа дека нивен стратегиски приоритет бил членството во НАТО со заштита на нашиот национален идентитет, а сега и членството во ЕУ, како и дека ќе ја почитуваат и ќе ја почитуваат волјата на граѓаните. Пратеникот и меѓународен секретар на партијата, Тимчо Муцунски, рече и дека приоритет во меѓународната политика треба да биде борбата против корупцијата, за што исто така САД предвидуваат санкции.
Во првата реакција од власта, пак, вицепремиерот Љупчо Николовски, рече дека наредбата на Бајден е порака за сите оние што ги блокираат и ги кочат процесите во државата.