Вакцинацијата против сезонскиот грип доцни, но од Министерството за здравство велат дека веќе биле нарачани 40.000 четиривалентни вакцини, а кога овие вакцини ќе бидат во Македонија зависи од производителите.
Од Министерството за здравство уште еднаш упатуваат апел за што поголем опфат на вакцинација против корона вирусот. Лекарите велат дека нема несакани ефекти ако се земат и двете вакцини истовремено.
Според здравствените власти, бесплатна вакцина против сезонската инфлуенца, грипот, може да примат лица постари од 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и децата на возраст од 6 месеци до 5 години.
Во центрите за јавно здравје ќе има и комерцијални вакцини, и тие се наменети за граѓаните кои не спаѓаат во некоја од ризичните групи, а кои ќе сакаат да се заштитат од сезонскиот грип. Лани вакцината против сезонски грип чинеше 600 денари.