Во финална фаза се процедурите од тендерската постапка за изградба на железничката пруга од Коридорот 8, најавуваат од Министерството за транспорт и врски.
За двете делници во игра се осум компании. Се очекува на почетокот на годината да се склучат договорите со избраните компаниите. Изградбата на источниот крак на железничкиот Коридор 8 е поделена во три фази, Куманово – Бељаковце, Бељаковце – Крива Паланка и Крива Паланка – граница со Бугарија.
На првата делница во должина од 31 километар се завршени 54 проценти од градежните работи, кои беа прекинати откако германски „Вибе” еднострано го раскина Договорот за изведба. Втората делница е долга 34 километри. И за двете делници е заокружена финансиската конструкција, а за третата, од Крива Паланка до границата со Бугарија, која е во должина од 24 километри, досега се обезбедени 60 милиони евра и се работи на обезбедување на останатите потребни финансии. Се планира првата и втората фаза заедно да се реализираат во рок од 36 месеци.
Заложби за изградба на железничкиот дел од Коридорот 8 изнесоа и министрите за транспорт на Северна Македонија, Благој Бочварски, на Бугарија, Христо Алексиев и на Албанија, Белинда Балуку, кои во Софија потпишаа трилатерален Меморандум за соработка. Документот одредува јасни датуми за развој на трите земји и нивните активности на Коридорот 8, а очекувањата се тој да биде готов до 2030 година. На западниот дел од Коридорот 8 кај нас е подготвен проект за железничкиот дел од Кичево до границата со Албанија во должина од 70 километри и се разгледуваат можности да се најдат средства.