Комисијата за теренска проверка на договорите за уличното осветлување во Општина Гази Баба утврди дека постојат разлики помеѓу изведените работи и прикажаните работи во фактурите од страна на економскиот оператор, односно тие не се совпаѓаат, објави на својот Фејсбук профил градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски кој тврди дека неговиот претходни направил штета на буџетот на општина Гази Баба.
-Во временски период од 19.05.2021 до 30.08.2021 година во општина Гази Баба се потрошени 11.000.000 денари од кои 7.000.000 денари за оддржување и 4.000.000 денари за изградба на нови линии за улично осветлување. Краткиот период за реализација на договорите беше доволен показател дека е потребно да се спроведе ревизија за што на 05 јануари со решение формирав комисија која изврши теренска проверка на изведените работи по договорот за изградба на нови линии за улично осветлување, а потоа и споредба со прикажаното во фактурите од страна на економскиот оператор по што достави извештај со следниот заклучок. Комисијата утврди дека постојат разлики помеѓу изведените работи и прикажаните работи во фактурите од страна на економскиот оператор, односно истите не се совпаѓаат, објави Стефковски.
Неговиот претходник пак реагира дека првите 100 дена од својот мандат новиот градоначалник на Гази Баба наместо со презентација на своите започнати проекти ќе ги заокружи со извештај од комисија за проверка на уличното осветлување.
-Својата неспособност и немањето на проекти, како и целосното стопирање на веќе започнатите капитални проекти се обидуваат да ја прикријат со пласирање на лаги. Ама затоа можеме да го видиме како се слика со од претходно започнатите проекти за канализациони мрежи, спортски игралишта и сензорни соби, претставувајќи ги како свои проекти. Додека со едни се слика, стопира други капитални проекти. Стопирана е изградбата на училишната сала за ООУ ,,Кирил и Методиј” во Стајковци, изградбата на дневниот центар за деца со посебни потреби во Железара, закочени се и активностите за изградбата на новата зграда во ООУ ,,Крсте Мисирков”. Нема абер да се започне ниту една нова градинка, а новата градинка во Стајковци сакаат да ја затворат, реагира Георгиевски.