Лекот „трикафта“ за болните од цистична фиброза е нарачан, измените на законите што беа потребни за тој да пристигне во Македонија се испратени во Собранието.
Ова денеска го истакна премиерот Димитар Ковачевски кој притоа посочи дека производителот рекол дека лекот ќе стигне за 30 дена. Тоа би значело дека на крајот на март ќе биде во Македонија.
-Веднаш беше регистриран лекот и преку доставувач е нарачан од единствениот производител што го има патентот за овој лек. Бевме информирани дека лекот се произведува според секоја нарачка и дека 30 дена е рокот на подготовка и испорака за лекот да пристигне во државата. Во тој дел сè е завршено. Нарачката е направена од овластен увозник во државата, кој го регистрира лекот, и се очекува негово пристигнување за најкритичните пациенти – изјави Ковачевски.