Во тек на вчерашниот ден во Полициско одделение Чашка, Г.С.(44) од Чашка пријавил дека на социјалната мрежа Фејсбук едно лице ги искористило неговите лични податоци и слики и објавувало содржини со непристојна и навредлива содржина.
Од СВР Велес известија дека се работи на расчистување на случајот, а како што дознава ,,Фокус” станува збор за злоупотреба на Фејсбук профилот на градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски.
Навредливи коментари од лажниот профил деновиве можеа да се забележат на социјалните мрежи, по што имаше и јавни реакции од граѓани кои прашуваа дали навистина со такви коментари може да се служи еден градоначалник, или пак станува збор за злоупотреба на неговите лични податоци.
Минатиот месец имаше сличен случај и со кавадаречкиот советник Ристо Сакалиев.
И тој пријавил во полиција дека лажен профил со негова фотографија пишувал недолични коментари на социјалните мрежи.
Вики Клинчарова