Напаѓачот од Германија најавил дека ќе се случи „нешто големо“

by fokus

Саудискиот државјанин кој го изврши смртоносниот напад на божиќниот пазар во германскиот град Магдебург, во кој загинаа пет, а повредени беа повеќе од 200, предупредил на социјалните мрежи дека „ќе се случи нешто големо“.

50-годишниот лекар е во полиција откако со црн теренец БМВ помина со полна брзина 400 метри низ преполниот пазар, возејќи над некои луѓе, а други фрли во воздух. Меѓу загинатите има и деветгодишно девојче. Форензичарите ја истражуваат можноста Абдулмохсен намерно да го исклучил механизмот за итно сопирање на BMW со цел да го максимизира неговото влијание. Напаѓачот ги заобиколил безбедносните столпчиња и го искористил коридорот за возилата на итната служба за да можат да влезат на пазарот, кој требало да биде блокиран за што било друго освен за амбулантни и полициски возила.

Меѓу многуте закани за насилство, наводно, упатени на социјалните мрежи од страна на Абдулмохсен, самопрогласен критичар на исламот и бранител на саудиските жени, беше желбата да се убие поранешната канцеларка Ангела Меркел поради нејзините обиди да ја „исламизира Европа“ дозволувајќи им бегалци да влезат во земјата во голем број во 2015 година.

Канцеларот Олаф Шолц, кој го посети местото на нападот во саботата придружуван од членовите на неговата влада и лидерот на покраината Саксонија-Анхалт, Рајнер Хаселоф, го опиша нападот како „страшен и луд“.

Откако положи бела роза на пазарот, на патеката меѓу дрвените тезги Шолц рече дека изборот на божиќен пазар за напад бил особено шокантен, како и времето. Поминаа речиси осум години од денот откако исламистички терорист удри со украден камион на божиќниот пазар на берлинскиот Breitscheidplatz, убивајќи 12 и ранувајќи многу други.

„Нема место помирно и порадосно од божиќниот пазар“, рече Шолц. „Луѓето се собираат неколку дена пред Божиќ … за да бидат заедно во размислување, но и да слават. Колку страшен чин е да се повреди и убие толку многу луѓе таму со таква бруталност“. Тој наведе дека „речиси 40-те“ жртви меѓу повредените се „толку сериозно повфредени што мораме да бидеме многу загрижени за нив“.

Абдулмохсен создаде веб-страница за да им помогне на противниците на режимот во Саудиска Арабија, особено на жените, да избегаат од земјата и да поднесат барање за азил во Европа.Тој направи значителни напори да биде сфатен сериозно како милитантен критичар на исламот, опишувајќи се себеси во интервју во август 2019 година во Frankfurter Allgemeine Zeitung како „најагресивниот критичар на исламот во историјата“.Тој, исто така, покажа значителна поддршка за Alternative für Deutschland (AfD), антиисламската, антиимигрантска партија која моментално е втора во анкетите. Неговото внимание во последниве месеци се чинеше дека се сврте кон критиките на германските власти и пристрасноста што тој мислеше дека ја имаат во однос на Саудијците, како што е тој самиот и особено жените баратели на азил кои се откажале од исламот. Во август, во една објава, тој наводно напишал: „Ако Германија сака да не убие, ќе ги масакрираме, ќе умреме или ќе одиме со гордост во затвор“.

Во болницата каде што работел велат дека често отсуствувал од работа поради болест, пишува ДВ. Овој ноември и декември, наводно, неколку пати престојувал во хотелот Маритим во Магдебург, од каде најверојатно се подготвувал за ова злосторство. Првите сознанија, пренесува Der Spiegel, укажуваат дека сторителот бил под дејство на наркотици.

Поврзани новости