Џелал Свечља – министерот за внатрешни работи на Косово изјави дека фрлањето на воената рачна граната синоќа на северот на земјата било извршено по наредба на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Свечља на Фејсбук напиша дека криминалниот чин е извршен во знак на револт поради апсењето, минатиот вторник, на тројца Срби обвинети за воени злосторства.
– Инспирацијата, поддршката и нарачката за овој криминален чин дојде од поранешниот министер за пропаганда во времето на (Слободан) Милошевиќ, Александар Вучиќ. Србија изврши геноцид во Косово. Србија на чело со Вучиќ не само што не го прифаќа овој факт, туку ги велича воените злосторници. Доказ за нејзиниот непроменет став е самото планирање на чинот на фрлање на гранатата – напиша Свечља.
Тој порача дека злосторствата извршени за време на војната во Косово ќе се гонат до крај, додека фрлањето воени рачни бомби од криминалните групи не може да ја одврати правдата.
– Од надлежните единици на косовската полиција, по долготраен ангажман и со основани сомнежи, уапсени се тројца српски граѓани за злосторства извршени врз цивилното население за време на војната во Косово. Истите се осомничени дека биле соучесници во тортури, ранувања, убиства, депортации и масакри врз Албанци во Вучитрн, во околните села и во затворот Смрековница. Во знак на револт поради апсењето на овие лица, како порака до нашата правда и со цел да предизвикаат терор кај нашите граѓани, криминалните групи синоќа фрлија воена рачна граната – напиша тој.