Вербалното и пишано амнестирање и величење на носителот на режимот Никола Груевски како авторитет кој ќе помогне да поминат уставните измени и со тоа Македонија ќе продолжи по нејзиниот европски пат, од страна на некои од перјаниците на владејачката гарнитура, ќе резултира со дополнително збивање на и онака густо збиените редови на ВМРО ДПМНЕ, проценува лидерот на Достоинство и директор на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Tој на својот фејсбук профил напиша дека систематските напади од Груевски врз актуелниот лидер на партијата Христијан Мицкоски ќе доживеат фијаско, а ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски на чело од нив ќе излезе уште посилно.
„Ова го зборувам особено поучен од моето лично политичко искуство кога заедно со иконата на ВМРО-то, војводата Љубчо Георгиевски како и братот Љубе Бошкоски со нашата предизборна коалиција ВМРО за Македонија во 2016 година тргнавме во директна политичка пресметка со тогашниот лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски. Битка во која бевме прегазени од ВМРО-ДПМНЕ и која на изборите во декември истата година ја загубивме со освоени 25.500 гласови кои не беа доволни за пратеник од нашата коалиција. Иако се шеташе со ножеви забиени во грб од неговиот претходник Љубчо Георгиевски, Никола Груевски победуваше на сите избори и се одржа на власт повеќе од 10 години. Груевски победи дури и во декември 2016 година после сите објавени бомби, коалиции и револуции“, пишува Ангелов.