Шест лица, меѓу кои три деца се убиени во напад со нож во градинка во југоисточната кинеска провинција Гуангдонг.
Полицијата соопшти дека уапсила 25-годишен маж со презиме Ву во градот Лианџијанг, јави Би-Би-Си.
Останатите жртви се наставник и двајца родители, пренесе АФП, цитирајќи локален градски претставник. Повредено е и едно лице.
Нападот се случил денес во 7:40 часот по локално време. Мажот е уапсен во 8 часот, а полицијата ова го нарече „намерен напад“.
Сопственик на продавница кој работи во близина на градинката изјави за Би-Би-Си дека околината е затворена.
Насилниот криминал е релативно редок во Кина, но земјата забележа серија напади со нож во последниве години, вклучително и неколку во училиштата.
Во август лани напаѓач со нож упадна во градинка во југоисточната провинција Џиангкси, при што уби три лица, а рани шест други.
Во април 2021 година, две деца загинаа, додека 16 други беа повредени за време на масовно прободување со нож во градот Беилиу, во автономниот регион Гуангкси Жуанг.