Наоди од извештајот на ЕК: Одржливо решение за случаите на СЈО и одговорност за делата кои произлегоа од незаконското прислушување

by fokus

Корупцијата е распространета во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители вклучени во спречувањето и борба против корупцијата. Да се обезбеди одржливо решение за случаите на Специјалното обвинителство и да утврди одговорност за кривичните дела што произлегуваат од и се поврзани со незаконското прислушување. Ова се дел од наодите од извештајот на Европската комисија кој еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји ги презентираше попладнево на прес-конференција.

Северна Македонија продолжи да ги спроведува реформите поврзани со ЕУ во текот на целиот период на известување. Продолжија напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, но сепак ЕУ констатира дека земјава е умерено подготвена во реформите на јавната администрација и судството.

-Судските институции спроведуваат нови правила за именување, унапредување, дисциплина и разрешување на судии, а Судскиот совет попроактивно ја извршува својата улога. Како резултат на нејзините реформски напори во последниве години, Северна Македонија воспостави механизми за обезбедување независност и одговорност на судството, како што се правила за назначувања врз основа на заслуги, проверка на имотот и судир на интереси и дисциплински постапки. Треба да обезбеди нивна решителна и доследна употреба пред да се предвидат понатамошни промени во оваа област. Законот за јавно обвинителство стапи во сила во јуни 2020 година. Целта на законот е, меѓу другото, да обезбеди одржливо решение за случаите на Специјалното обвинителство и да утврди одговорност за кривичните дела што произлегуваат од и се поврзани со незаконското прислушување. Ревидираниот Закон за Советот на јавни обвинители беше исто така усвоен. Ефективното спроведување на законската рамка, како и зголемените напори на сите чинители да дадат позитивен пример ќе придонесе за зголемување на довербата на јавноста во судството, се вели во извештајот.

Во извештајот се споменува и поранешната специјална јавна обвинителка која е осудена за случајот „Рекет“.

-Продолжуваат напорите за натамошно процесуирање на случаите на Специјалното обвинителство и за утврдување одговорност за незаконското прислушување. Поранешната главна специјална обвинителка беше осудена во јуни 2020 година, со првостепена пресуда во таканаречениот „случај рекет“ во врска со наводно изнудување и злоупотреба на службената положба во врска со случај на Специјалното обвинителство. Корупцијата е распространета во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители вклучени во спречувањето и борба против корупцијата, пишува во извештајот.

Европската комисија наведува дека Северна Македонија е умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација.

-Постигнат е одреден напредок во подобрување на транспарентноста, со усвојување на Стратегијата за транспарентност 2019-2021 година, операционализација на порталот за отворени податоци на владата и објавување на податоци за владините трошоци. Извештаите за мониторинг за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација и Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии беа изготвени и придружени со соодветни видливи активности, се наведува во извештајот.

Во документот стои дека останува од суштинско значење да се осигура почитување на принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност.

-Државната комисија за спречување на корупција продолжи да работи на наводите за непотизам и политичко влијание во процесот на вработување во јавниот сектор. Треба да се обезбеди соодветно следење на извештаите и препораките на Државната комисија, се нотира во Извештајот.

Во однос на регионалната соработка, ЕК наведува дека земјата ги задржа добрите односи со другите земји опфатени со проширувањето и активно учествуваше во регионални иницијативи. -Важно е да се продолжи со имплементација на билатерални договори, вклучително и договорот од Преспа и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, нотира Извештајот.

Во однос на граѓанското општество, се наведува оти тоа останува активно и игра клучна улога во процесите на креирање политики и одлуки, но потребни се напори за да се обезбеди позначаен и навремен процес на консултации.

Извештајот на ЕК заклучува дека во наредниот период потребен е поголем фокус и на административниот капацитет и ефективната имплементација и оти земјата продолжи да ја подобрува својата усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Поврзани новости