Еден месец откако само со соопштение беше пуштен за сообраќај, автопатот Штип-Миладиновци, Владата сепак реши и свечено да го пушта во употреба.
Денеска трубачите беа заменети со звуци на виолини, а автопатот што со главниот град ги поврзува Истокот и Југоистокот од државата по вторпат официјално беше пуштен во сообраќај.
Автопатот првично требаше да биде готов во 2017-та, а првиот човек на ЈП за државни патишта не заборави да спомене дека завршувањето доцнело поради наследени проблеми, а се пофали дека автопатот чинел помалку од првично проектираната сума.
Автопатот со четири ленти, плус две ленти за застанување, е широк 27,4 метри, а проектираната брзина изнесува 130 километри на час. По неговата должина има и четири клучки.
Министерот за транспорт и врски најави дека овој автопат ќе биде вклучен во проектот за зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Подобрата инфраструктурна поврзаност дома и со соседите ќе биде приоритет за Владата, рече вицепремиерот за економски прашања, кој најави грант за подобрување на сообраќајните врски со Косово.
Додека да завршат тендерските постапки по новиот автопат Штип – Миладиновци ќе се вози без плаќање патарина. Потоа на овој автопат ќе бидат поставени два наплатни пункта на кои ќе се плаќа 50 односно 70 денари.