Наместо со 70 судии како што е предвидено со систематизацијата, Кривичниот суд каде се судат сите предмети од поранешното Специјално јавно обвинителство и предмети од организиран криминал, работи со 48 судии, од кои една е на трудничко боледување, соопшти на денешниот брифинг, претседателот на Кривичен, Иван Џолев.
Од неговото назначување за претседател на Судот во ноември 2017 година досега по разни основи си заминале 20-тина судии, а на нивно место дошле само тројца судии.
За испразнетите судски места, како што рече Џолев, досега постојано усно и 10-тина пати писмено упатувале барања до Судскиот совет да делегира судии, а последното барање било испратено пред два дена.
Првото барање од Кривичниот суд до Судски совет го упатиле во септември 2018 година, а одговор од Советот добиле во јануари 2019 година и во него било наведено дека Судот е ажурен и го совладува приливот на предмети.
-Основниот крвичен суд Скопје и во екот на пандемијата и во недостиг од најмалку 10 судии работи со целосна динамика, при што беа донесени пресуди за предметите „Тарифа“, Титаник-2“, „Општина Центар“, „Рекет“, „Тревник“ и за одвоените постапки за случајот „27 Април“, рече Џолев.
Во моментов во Кривичниот суд се постапува по 10-тина предмети од поранешното СЈО и според закажаните рочишта и динамиката, како што вели Џолев, постои голема веројатност за пет предмети до крајот на оваа година да има пресуди.