Наместо реконструирана улица, дебармаалци добија поплавена зграда

by fokus

На улицата Црвена Вода во Дебар Маало, која се реконструира, завчера изведувачот избран од Општина Центар ја пукнал водоводната цевка. До пукањето дошло откако за потребите на реконструкцијата во улицата влегол камион со тампон од два тона.

Освен што водата избила на улицата, таа почнала да навлегува и во зградата број 35, реагираат жителите. Водата ја поплавила гаражата на ниво -1, а почнала да пробива и на нивото -2.

Револтот е од повеќе аспекти, a ова е капаче. Завчера почнуваат со реконструција, без да предвидат многу работи, улица од 200 метри ќе ја асфалтираат 2 месеци. Исто така, не било предидено колкави камиони може да издржи улицата.
Се направи поплава, протекува во нашата зграда, се прави базенче на прво ниво на паркингот,  а се полни второ ниво. Сега треба да викаме фирма која со пумпа треба да ја испумпува водата за да не навлезе во темелите, велат за „Фокус“ револтирани жители.

Откако цевката била пукната и ја поплавила улицата, дошле екипи на „Водовод“, ја закрпиле, ја потрупале со песок и си заминале. Но, останала водата во гаражите на зграда 35.

„Фокус“ ја праша Општина Центар зошто не било предвидено колкав камион смее да влезе на улицата. Оттаму вината не ја гледаат кај себе, туку кај нивните претходници од пред 15 години.

Ве известуваме дека цевката што е пукната од страна на изведувачот е од причина што долниот строј кој што е изведуван пред 15 год. не е како што треба да задоволува согласно сите стандарди и шахтата која што беше притисната од стана на камионот и капакот на истата беше во многу лоша состојба т.е комплетно нарушен и затоа се случило да дојде до пропаѓање на истиот, велат од Општина Центар.

Од Општината не одговорија на нашето прашање дали ќе ја покријат штетата за испумпување на водата од зградата број 35.

Но, проблемите на станарите на оваа зграда не запираат тука. Оваа поплава може да им направи многу посериозна штета, бидејќи зградата нема хидроизолација.

Станарите објаснуваат дека инвеститорот кој ја градел зградата отишол под стечај пред да бидат завршени многу работи од изведбата. Стечајниот управник им издал имотни листови, но недовршените работи не биде доправени.

Така,  освен што сега зградата нема хидроизолација, нема ниту хидрофори, ниту безбеден лифт. Станарите со кои разговаравме велат дека зградата нема ниту технични прием, а веќе е вселена.

Ние немаме хидроизолација на зградата, немаме хидрофори, нема технички прием. Викнавме инспекциски надзвор кој најде милион маани и за лифтот. Несовено работење, лакомост за пари, сите тие работи се врзани една со други, вели еден од станарите.

Останува нејасно како зграда без технички прием може да биде приклучена на водовод и струја и зошто Општината не реагирала.

К.С.Б.

 

 

 

Поврзани новости